Њујорк оваа недела е под највисоко ниво на безбедносни мерки во годината, поради одржувањето на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
Како што јави известувачот на МИА, над 140 светски лидери, делегации и дипломати се присутни во градот, што ја активира целата безбедносна инфраструктура на федерално, државно и локално ниво.
Сесијата е класифицирана како настан од висок национален ризик.
Во близина на седиштето на ОН во Источен Менхетан, воведени се „замрзнати зони“ со целосна или делумна забрана за движење на возила и пешаци, додека небото над градот е под строги воздушни ограничувања, вклучително и забрана за дронови.
Засилени контроли има и во метро станицата и во пристанишниот појас, каде што обезбедувањето е под надзор на пристанишни единици, а движењето на водни пловила е ограничено.
Распоредени се и кинолошки единици, тимови за откривање експлозив и илјадници полицајци, а безбедносните служби спроведуваат и прикриени мерки за следење потенцијални закани, вклучително и кибер напади.
Во комплексот на ОН има над 1.400 безбедносни камери и постојано се следат видеоснимки.
Иако мерките создаваат сообраќајни проблеми и затворања на улиците, властите апелираат на трпение и соработка, нагласувајќи дека безбедноста на градот и светските гости е апсолутен приоритет.
– Обезбедувањето на светските лидери и нашите сограѓани ни е апсолутен приоритет. Благодарен сум на сите служби кои работат 24/7 за да гарантираат дека Њујорк е безбеден – изјави градоначалникот Ерик Адамс.
Иако градот функционира во специфичен режим, Њујорк и понатаму го носи епитетот на дипломатска престолнина во светот, овојпат со засилен ритам, блокирани улици и илјадници луѓе кои внимателно следат се што се случува.