Napad Iran na Izrael
Фото: ЕПА

Во повеќе анализи деновиве политичките и економските аналитичари се осврнуваат на последиците од воениот конфликт меѓу Израел и Иран. Во продолжение издвојуваме еден сублимат за ударот што може да го предизвика новиот воен конфликт на Блискиот Исток над светската економија

Проекции за можните економски последици во светски рамки од војната меѓу Иран и Израел

Тешко е да се каже како ќе заврши воениот конфликт меѓу Израел и Иран, но колку подолго трае, толку покатастрофални ќе бидат последиците за економиите во регионот на Блискиот Исток, но и во светот. Секој ден од војната создава трошоци што порано или подоцна ќе ги почувствуваат граѓаните на светот, а се движиме на работ на длабока бездна на нова голема економска криза, токму во време кога се чинеше дека светската економија се стабилизира по кризата од короната и руско-украинската војна, која, за жал, сѐ уште трае. Во повеќе анализи деновиве политичките и економските аналитичари се осврнуваат на последиците на воениот конфликт меѓу Израел и Иран. Во продолжение издвојуваме еден сублимат на ударот на светската економија со новиот воен судир.

Пад на берзанските индекси и раст на цените на нафтата и нафтените деривати

Негативното влијание на конфликтот веќе беше видливо на светските берзи уште првиот момент по почетокот на воениот конфликт. И самиот страв од нарушувања на глобалните текови на нафта ги зголеми глобалните цени на нафтата, додека цените на акциите паднаа.

1. Берзанскиот индекс S&P 500 падна за 1,1 отсто. Индустрискиот просек Dow Jones падна за 1,8 отсто, додека индексот Nasdaq Composite изгуби 1,3 отсто. Цените на американските акции паднаа на најниско ниво во петокот, откако Иран истрела балистички ракети кон Израел. Компаниите што трошат големи количества гориво во своето работење претрпеа едни од најголемите загуби. Компанијата за туристички морски крстосувања „Карнивал круз лајн“ доживеа пад на акциите од 4,9 отсто, вредноста на акциите на „Јунајтед ерлајнс“ падна за 4,4 отсто, додека компанијата за крстосување „Норвејш круз лајн холдингс“ доживеа пад од 5 отсто.

2. Од друга страна, најголемите скокови се случија на пазарите на нафта. Цената на барел американска сурова нафта скокна за 7,3 отсто, односно на 72,98 долари. Цената на нафтата од типот брент, која се користи како меѓународен индикатор за одредување на вредноста на суровата нафта, се зголеми за 7 отсто и сега изнесува 74,23 долари за барел. Скок од 7 проценти не е многу на глобално ниво, но ако растот продолжи речиси секој ден од конфликтот со приближно иста вредност, тоа ќе биде многу загрижувачко за сите нас.
Но, се разбира, постојат и такви компании чии акции бележат раст, а профитите им се зголемуваат. На пример, американските производители на нафта и другите компании што би можеле да профитираат од засилените конфликти меѓу Израел и Иран се:

-Акциите на „Ексон мобајл“ пораснаа за 2,2 отсто.

– Акциите на „Коноко Филипс“ скокнаа за 2,4 отсто, бидејќи наглиот пораст на цената на суровата нафта навести поголема добивка за тие компании.

– Доставувачите што произведуваат оружје и воена опрема исто така забележаа пораст на нивните акции. „Локхид Мартин“, „Нортроп Груман“ и РТХ пораснаа за повеќе од 3 отсто.
Цената на златото скокна додека инвеститорите бараа побезбедни места за инвестирање. Цената на унца злато се зголеми за 1,4 отсто. Но инфлацијата во САД остана околу 2 процента.

Зголемување на цените на транспортот

Сите скокови на пазарите на нафта значат дека порано или подоцна ќе има повисоки цени за потрошувачите низ светот. Важно е да се напомене дека Иран е еден од најголемите светски производители на нафта (седми најголем производител во светот), иако неговата продажба е ограничена поради санкциите наметнати од западните земји. Доколку избувне регионална војна на Блискиот Исток, тоа би можело да ја забави испораката на иранска нафта до клиентите и да ги зголеми високите цени на суровата нафта на пазарите. Цените на нафтата би можеле да скокнат на 100 долари или повеќе во рок од неколку дена или недели ако продолжи судирот меѓу Израел и Иран. Повисоките цени на нафтата на светските пазари и резултирачките високи трошоци за транспорт генерираат инфлација и носат сериозни економски тешкотии во многу земји. Зголемувањето на цените ќе го почувствуваат обичните потрошувачи низ светот.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка во просек бележат зголемување: кај бензините за 4,088 отсто, кај дизелот за 5,626 отсто, кај екстра-лесното масло за 5,127 отсто и кај мазутот за 5,691 отсто.

Што се случи со цените на горивата вчера кај нас во Mакедонија

Кај нас во Македонија курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,6205 отсто.

Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 и на еуродизел (Д-Е V) се зголемуваат за 1,50 ден./л. Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1 ден./л. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 1,293 ден./кг и сега ќе изнесува 39,779 ден/кг.

Домино-ефект во регионот на Блискиот Исток

Нестабилноста на нафтата во регионот на Персискиот Залив би можела да ги наруши другите големи извозници на нафта, како што се Саудиска Арабија, Кувајт и Ирак, продлабочувајќи ја глобалната енергетска несигурност. Тоа би можело да доведе до прекин на снабдувањето на светскиот пазар и нагло зголемување на цените на енергијата и стоките. Последиците би се почувствувале речиси во сите национални економии, особено во земјите што зависат од увоз на нафта. Последиците би биле апокалиптични ако Иран одлучи да го затвори Ормутскиот Теснец, кој ги поврзува Персискиот Залив и Оманскиот Залив, односно Индиски Океан. Доколку Иран го направи тој потег, глобалните цени на нафтата буквално би експлодирале. Ормутскиот Теснец е клучен превозен пат низ кој дневно поминува околу 20 отсто од светската нафта, вклучувајќи огромни количества иранска, саудиска и ирачка нафта. Имено, Иран никогаш официјално не го затвори Ормутскиот Теснец, но го попречи во 1980-тите, за време на војната меѓу Иран и Ирак. Преку ракетни напади и саботажи, Иран го попречи сообраќајот на ирачките, кувајтските и саудиските танкери. Цените на нафтата потоа доживеаја скок од над 150 проценти. Доколку се случи нешто слично во 2025 година, глобалните цени на нафтата би пораснале за околу 200, 300 или 400 проценти. Националните влади и нафтените компании би морале да бараат алтернативни, поскапи и подолги патишта за транспорт на нафта. Тоа би ги зголемило трошоците, што автоматски би ги зголемило цените на горивото и на сите стоки. Инвеститорите и берзите би реагирале многу лошо, што дополнително би ја зголемило нестабилноста на финансиските пазари. Земјите што зависат од увоз на нафта (Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Индија, но и земјите членки на ЕУ) би морале да преземат мерки за да ги обезбедат своите енергетски резерви. Постои можност тие да прибегнат кон воена интервенција со цел насилно да ја олеснат пловидбата низ Ормутскиот Теснец. Тоа, секако, дополнително би ги зголемило геополитичките тензии. Не треба да ги заборавиме и јеменските бунтовници Хути, кои најавија целење на американски, британски, француски и други западни бродови што пловат низ Црвено Море и Суецкиот Канал. Хутите во последните години извршија напади со беспилотни летала и ракети врз (главно контејнерски) бродови, а сега тие напади би можеле да се интензивираат. Ваквите закани ги зголемуваат ризиците за меѓународниот поморски сообраќај и светската трговија. Синџирите на снабдување би можеле да бидат нарушени.

Секој ден е важен и клучен

Опишаните сценарија би можеле да се случат ако состојбата на конфликт или војна меѓу Иран и Израел трае неколку недели или месеци. Сето ова ќе предизвика инфлација, рецесија и недостиг од стоки за широка потрошувачка, особено недостиг од високотехнолошки стоки, како што се микрочипови, компјутери и други електронски уреди, што значително би влијаело на достапноста на овие производи. Ако сè се среди за неколку дена, нема да има такви последици, а сите релевантни економисти го нагласуваат тоа. Банкарите, берзанските брокери и трговците со нетрпение ги следат телевизиските канали за да видат што ќе се случи. Секако, војната е изговор за многу лихвари да ги зголемат цените и да се збогатат на туѓа несреќа. Можеме само да се надеваме дека конфликтот ќе заврши што е можно поскоро. Р.С.