Владите на земјите од супсахарска Африка се противат на барањата на домородното население да му се признае дека на одредена територија живеат староседелци и дека имаат традиционални имотни права. Доколку им се признае ова, тогаш владите ќе немаат можност да го продаваат ова земјиште ни да привлечат странски инвестиции
Припадниците на автохтоните народи во земјите од Африка водат неизвесна правна битка околу зачувувањето на земјиштето на кои со векови живееле нивните предци, а на кое сега сакаат да градат големи корпорации. Староседелците на Јужна Африка се противат на намерите на гигантскиот концерн „Амазон“ да изгради централа на вливот на реките Лајсбик и Блекривер во Кејптаун, кој е едно од најгусто населените места во Јужноафриканската Република. Ова место наедно е и света земја и духовно светилиште за народите Кои и Сан. Овие автохтони народи бараат да се запрат сите градежни активности на нивна територија.
– Ова е голема срамота. Оваа река за нас е света, тука ги одржуваме церемониите и ритуалите. Сакаме и нашите деца да доаѓаат таму. Ова место мора да се прогласи за светско наследство – изјави за „Дојче веле“ Бредли ван Ситер, активист за заштита на правата на домородното население,
Проектот под називот „Клуб на реката“ може да биде добра можност за жителите на Кејптаун, а „Амазон“ веќе вработува илјада луѓе во разни центри за обработка на податоците. Новиот комплекс треба да обезбеди дополнително илјада работни места. Во наредниот период се планира изградба на станбени згради, продавници, канцеларии и сл.
Повеќе од една третина од Јужноафриканците се невработени, а властите се заинтересирани да привлечат странски инвеститори. Но тоа не треба да се прави на штета на автохтоните народи, смета Женевјев Роуз, шефица на Меѓународната работна група за прашања на староседелците (ИВГИА) во Африканската комисија за човекови права и права на народите.
– Не велиме дека развојот не е важен. Староседелците сакаат да имаат струја, а потребна им е и работа. Но реалноста е дека им се одзема нивната земја, без да се консултира некој со нив. Не добиваат вистинска и постојана работа. Кога ќе бидат иселени, добиваат полошо земјиште и полошо живеат – вели Роуз.
Слични сценарија можат да се сретнат и во други земји во Африка. Во седумдесеттите години од минатиот век, властите на Кенија ги иселиле семејствата од народот Ендорои, заради развивање на туризмот и на нивната земја бил направен резерват за диви животни. Иселените лица поднеле тужба и победиле во судскиот спор. Африканската комисија за човекови права утврди дека, според Повелбата на Африка, кениската влада ги прекршила правата на домородното население на вера, сопственост, култура, слободно користење на природните ресурси и на развој. Меѓутоа, препораките од комисијата – за имотните права, исплата на надомест и вработување во резерватот, досега сѐ уште не се спроведени, пишува „Дојче веле“.
Владите на земјите од супсахарска Африка мораат прво да признаат дека на одредена територија живеат староседелци и дека имаат традиционални имотни права. Доколку им се признае ова, тогаш владите ќе немаат можност да го продаваат ова земјиште ни да привлечат странски инвестиции, нагласуваат активистите.
Во Бурунди и во Уганда, територијата на која живее народот Батва, против нивната волја, е претворена во национални паркови и шумски резервати. Во Етиопија сточарските и номадски народи биле протерани од своите земјишта за да може да се стават под закуп на странските и националните компании. Во Кенија е присутен проблемот околу изградбата на ветропаркот на езерото Туркана.
Подготвил: Митко Јовановски