Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж денеска ќе дознае дали неговата 13-годишна правна битка против екстрадицијата од Велика Британија во САД, каде што е обвинет за шпионажа, е изгубена.
Двајца судии на Високиот суд во Лондон ќе одлучат дали британскиот суд ги прифаќа гаранциите на Вашингтон дека Асанж нема да се соочи со смртна казна за време на судењето за шпионажа во САД и ќе може да се повика на правото од првиот амандман на американскиот Устав – објави „Ројтерс“.
Адвокатскиот тим на Асанж вели дека опциите се отворени – тој би можел да биде во авион за САД во рок од 24 часа, би можел да биде ослободен или неговиот случај може да оди во нов, повеќемесечен правен процес.
„Викиликс“ објави стотици илјади доверливи американски воени документи за американските војни во Авганистан и Ирак, како и голем број дипломатски телеграми, поради што американското обвинителство го товари Асанж за кршење на Законот за шпионажа.
Поддржувачите на Асанж ширум светот сметаат дека тужбата против него е напад на новинарството и слободата на говорот и одмазда.
Бројни организации за човекови права, како и политичари, меѓу кои и австралискиот премиер Ентони Албанес, побараа ослободување на Асанж.
Џулијан Асанж го основа „Викиликс“ во 2006 година преку кој објави доверливи и чувствителни информации.
На 5 април 2010 година, „Викиликс“ објави видео на кое се гледа американски хеликоптерски напад во кој загинаа цивили во Багдад, вклучително и двајца новинари на „Ројтерс“.
На 25 јули 2010 година, Асанж објави повеќе од 91.000 документи, главно тајни извештаи на американската војска за војната во Авганистан, преку „Викиликс“.
Во октомври 2010 година, „Викиликс“ објави 400.000 доверливи воени досиеја за војната во Ирак, а следниот месец, илјадници американски дипломатски телеграми, вклучително и ставови на странски лидери и проценки за заканите за безбедноста.
Асанж беше уапсен во 2010 година во Велика Британија, но беше ослободен со кауција во февруари 2011 година.
Вестминстерскиот суд во Лондон нареди екстрадиција на Асанж во Шведска поради обвинение за силување, но тој ја обжали одлуката. Британскиот Врховен суд ја одби жалбата на Асанж, а пет дена подоцна тој се засолни во амбасадата на Еквадор во Лондон и побара политички азил.
Асанж беше уапсен на 11 април 2019 година, откако Еквадор му го укина политичкиот азил, а британскиот суд на 1 мај го осуди на 50 недели за прекршување на кауцијата.
Тој моментално се наоѓа во британски затвор, каде што го чека сослушувањето за процесот на екстрадиција.