Фото: Пекселс

Мнозинство во петчлениот Врховен суд на Бразил ја поддржа одлуката на судијата Алесандри де Мораис да ја блокира социјалната платформа „Х“ во земјата поради непочитување на локалните норми, пренесуваат британските медиуми.

Судиите Флавио Дино и Кристијано Занин му се придружија на Мораис, формирајќи мнозинство, дури и додколку судиите Луиз Фукс и Кармен Лусија не заземат ваква позиција.

Платформата „X“ беше блокирана во Бразил во саботата со пресудата на Мораис, откако компанијата го пропушти судскиот рок за именување правен застапник во Бразил, како што налага локалниот закон.

Мораис и сопственикот на „Х“, Илон Маск, веќе неколку месеци се расправаат јавно откако од платформата беше побарано да блокира профили на свои корисници кои се обвинети за ширење манипулирани вести и говор на омраза.

– Не е можно една компанија да работи на територијата на една држава и да наметнува свое гледиште за тоа кои правила треба да важат и да се применуваат – рече судијата Дино.

– Очигледно компанијата која намерно не ја послуша одлуката на судот мисли дека е над законот. Така може да стане криминална – додаде судијата.