Рускиот полк резервисти биле сместени во објект на средно стручно училиште во Макивка. Со електронско извидување од страна на украинските сили полкот бил лоциран со прецизно одредени координати. Имено, токму неовластената употреба на мобилните телефони од страна на руските резервисти, покрај другите разузнавачки информации (сателитска навигација и лоцирање на непријателските сили од страна на западните сојузници на Украина, како и разузнавачки теренски податоци и информации од територијата на Донбас), им овозможила на украинските сили, пресретнувајќи повици од страна на руските војници, дополнително и прецизно да ги насочат проектилите „химарс“

Анализа на најтешкиот инцидент од украинската војна – Макивка, второто име за трагедијата на војната

Новогодишната ноќ на украинскиот фронт ја обележи ракетниот напад врз училиште што руските војници го користеа како касарна, во малото гратче наречено Макивка, во донетската област, источно од Донецк. Процените за бројот на жртви се движат од 89, според руското Министерство за одбрана, до „околу 400“, според украински воени извори. Снимки објавени на интернет од последиците од експлозијата во руската касарна во Макивка покажаа огромна зграда претворена во урнатини.
Целиот настан е обвиен со велот на мистерија, а противречни информации доаѓаат од различни извори, што дополнително ја замаглуваат сликата за она што навистина се случи. Во секој случај, трагедијата направи илјадници членови на руски, а и на украински семејства да останат без своите најблиски. А воените команданти направија толку грешки што е повеќе од очигледно дека страници и страници од воената литература останале непрочитани, непроучени, што ако било обратно, многу млади животи ќе биле поштедени, а за воената техника и арсенал, кому и му е грижа? Тоа, секако, се надоместува… Крајно време е политичарите да им стават точка на крвопролевањата.

Што се случи во Макивка?

Во јавноста, веднаш по доаѓањето на новата година, осамна вест за голема трагедија и човечки жртви на обете стани во украинската војна. Имено, со ракетен напад од страна на украинските сили била погодена привремената база во Макивка во 12.1 часот по локално време на 1 јануари, користејќи ракетен систем „химарс“ испорачан од САД. Со возвратен оган, американскиот ракетен лансер бил уништен. И на едната и на другата завојувана страна се пријавени жртви, но забележително асиметрично. Руското министерство за одбрана соопшти дека билансот на жртви, руски војници, достигна 89. Тоа е најголемата загуба на човечки животи од еден напад што Москва го призна откако ја започна својата инвазија во февруари. Жртви се неодамна мобилизираните војници испратени од Москва, непрофесионални војници. Тие загинаа во објектот на средното стручно училиште каде што биле сместени.
Но несогледливи последици предизвикала дополнителната експлозија на муниција и експлозиви, кои биле во складиштето за муниција, кое експлодирало, а се наоѓало во непосредна близина на објектот каде што биле сместени резервистите. Тоа е една од грешките што е недопустлива од страна на руските воени команданти и командири што раководеле и командувале со воената единица сместена во Макивка.
Според достапните информации биле лансирани шест тактички балистички проектили. Две ракети биле пресретнати од системи за противвоздушна одбрана, но четири ја погодиле целта. Меѓу загинатите е и заменик-командантот на полкот, потполковник Бачурин.

Зошто имаше толку многу жртви?

Руското воено раководство специфично го објасни инцидентот. Имено, полкот бил лоциран во објектот на училиштето во Макивка од страна на украинските сили, со електронско извидување и точно детектирање на локацијата, поради употреба на мобилни телефони од страна на руските војници. Имено, токму употребата на мобилните телефони, покрај другите информации (сателитска навигација и лоцирање од страна на сојузниците на Украина, како и разузнавачки теренски податоци и информации од територијата на Донбас), им овозможила на украинските сили да пресретнат повици од страна на руските војници и дополнително и прецизно да ги насочат проектилите „химарс“.
Што се однесува до неовластеното користење на мобилните телефони, руското министерство за одбрана соопшти дека од почетокот на воениот судир тоа е забрането, бидејќи во ера на високософистицирана електронска војна тоа оди на добитното конто на другата (завојувана) страна, како „предност при лоцирање и уништување на живата сила и воените материјално-технички средства“.

Непрофесионалните практики придонесуваат за високата стапка на жртви на Русија

Втора катастрофална грешка е што муницијата во објектот во Макивка била складирана во близината на импровизираната касарна, создавајќи секундарни експлозии, што придонесува исклучително висока штета. Со оглед на обемот на штетата, што можеше да се види на некои фотографии и видеоснимки, постои реална можност дека муницијата што била складирана во близината на сместувањето на војниците се активирала за време на нападот, создавајќи секундарни експлозии.
Трето, зградата што била уништена во нападот била на само 12,5 километри од линијата на фронтот, во „една од најспорните области на конфликтот“ во регионот на Донецк!? Со оглед на фактот што Украинците веќе располагаат и со високософистицирано артилериско и противвоздушно оружје, доставено од западните земји (САД, Германија, Франција итн), вклучувајќи и од типот „М142 ХИМАРС“ – мобилен ракетен лансер за тактички балистички проектили, чиј домет е од девет до 499 километри, со висока прецизност до 80 километри, катастрофална е грешката што руските воени планери допуштиле сместување на своите трупи во близината на линијата на раздвојување, и тоа на поголема воена единица во рангот на полк, во еден објект, безбедносно слабо заштитен од артилериски оган?!
Грешките се повторуваат на обете страни, но не е ли доволно дека последица на таквите грешки се стотици илјади загубени млади животи, војници и цивили, за да се спречи крвопролевањето?! Не е ли доволно широка „зелената маса“ на која двете страни ќе ги најдат своите интереси, па макар и преговорите да траат со години?