Царинските власти запленија стотици илјади млади јагули на аеродромот Шипхол во близина на Амстердам, соопшти Холандската служба за заштита на храна и потрошувачи.
Двајца мажи и една жена од Малезија, кои патувале од Португалија до Малезија, носеле стотици илјади млади јагули во осум еднакви големи црвени куфери кои го привлекле вниманието на чуварите на аеродромот.
– Во куферите имаше вреќички со вода и млади јагули. Инспекторите на Службата за заштита на храна и потрошувачи пронајдоа 105 килограми, тоа се околу 300.000 јагули – се вели во соопштението на властите.
Тројцата осомничени се уапсени и приведени, а запленетите јагули ќе бидат пуштени во холандските води.
Јагулата е заштитен вид и нејзиниот извоз е строго регулиран. Во 2010 година, Европската унија забрани секаков извоз на јагула надвор од нејзините граници.
Намалувањето на популацијата на јагулите и усвојувањето мерки за нејзина заштита го поттикнаа шверцот и појавата на црн пазар кој носи поголема заработувачка отколку трговијата со дрога, луѓе и оружје.
Годишната вредност на илегалната трговија со млади јагули од Европа во Азија се проценува на три милијарди евра.