Фото: Влада

Обидите на Русија да организира избори на окупираните територии во Украина се целосни незаконски и претставуваат прекршување на меѓународното право, изјави денеска генералниот секретар Јенс Сетолтенберг во одговор на новинарско прашање за очекувањата од претседателските избори во Русија, што ќе се спроведуваат од утре до недела.

– Слободни и фер избори се сржта на секоја демократија, а изборите во Русија не се ни слободни, ни фер, бидејќи сите знаеме дека опозициски политичари се во затвор, некои се убиени, а многу други се во егзил. На некои, пак, им е оневозможено правото да се кандидираат на изборите – истакна Столтенберг на прес-конференцијата на која претходно го презентираше Годишниот извештај на НАТО за 2023 година.

Според Столтенберг, врз основа на сето оваа уште од сега може да се каже дека претседателските избори во Русија нема да бидат ниту слободни, ниту фер, бидејќи за да бидат такви потребно е да има конкуренција, различни кандидатски листи, отворена дискусија и слободни и независни медиуми.

– Во Русија нема слобода и независност на печатот, медиумите се изложени на притисоци или затворени – додаде генералниот секретар на НАТО.

Столтенберг истакна дека рускиот претседател Владимир Путин е на власт со децении и никој не очекува дека претстојните претседателски изборите ќе доведат до промени во Кремљ.

– За време на претходните избори во 2018 година, ОБСЕ, која ги набљудуваше изборите, јасно оцени дека имало ограничувања на основните слободи и при поднесувањето кандидатури, што доведе до недостиг на конкурентност на изборите. Нема причини да веруваме дека сега нешто е подобрено, напротив сега (Русија) е уште помалку слободна и отворена во однос на 2018 година – додаде Столтенберг.

Според него, правото на учество на слободни и фер избори е суштината на секое демократско општество, но руските граѓани не можат да се надеваат на слобода и чесност кога опозициските политичари се во затвори или во егзил, а медиумите не се слободни.