Фото: Принтскрин

Поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон, се изјасни за виновен пред судот во Њујорк по обвиненија поврзани со неговата кампања за собирање средства за изградба на ѕид на границата меѓу САД и Мексико.

Бенон е осуден на тригодишна условна казна без затворски престој, откако призна вина за заговор за измама. Тој беше обвинет за перење пари и заговор, а според обвинението, во 2019 година измамил донатори кои донирале над 15 милиони долари за приватната кампања „Ние го градиме ѕидот“ (We Build the Wall), која се организираше во текот на првиот мандат на Трамп.

Излегувајќи од судот, 71-годишниот Бенон изјави: „Се чувствувам како милион долари“.

Тој побара од американската јавна обвинителка Пам Бонди да покрене истрага против њујоршката јавна обвинителка Летиша Џејмс и окружниот обвинител на Менхетн, Алвин Брег.

Обвинението наведува дека Бенон им ветил на донаторите дека сите средства ќе одат за изградба на ѕидот, но дел од парите биле пренасочени кон извршниот директор на проектот, Брајан Колфејџ, војник-ветеран кој претходно вети дека нема да зема плата.

Колфејџ во април 2022 година се изјасни за виновен по обвиненија за измама и затајување данок и беше осуден на повеќе од четири години затвор.