Украина мора да игра важна улога во одредувањето на сопствената иднина, така што секоја одлука за преговори со рускиот претседател Владимир Путин мора да ја донесе лично неговиот украински колега Володимир Зеленски. Ова го изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер во коментар на предлогот на Обединетите Арапски Емирати да организираат средба меѓу двајцата лидери на маргините на климатската конференција COP 28 во Дубаи.
– Во врска со евентуалната средба меѓу претседателите Зеленски и Путин, би рекол дека одлуката за тоа треба да ја донесе исклучиво претседателот Зеленски. Јасно ставивме до знаење дека Украина е на возачкото место кога станува збор за одредување на нејзината иднина, а тоа важи и за какви било преговори – истакна претставникот на американскиот Стејт департмент.
Истовремено, според Милер, Украина јасно нагласила дека е подготвена за преговори со Русија, во кои ќе се води сметка за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.