Трговска војна не е во ничиј интерес, но ништо не треба да се исклучи сега, се договорија синоќа британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови царини – објави британската влада.
Стармер и Макрон разговарале по телефон, а францускиот претседател инсистирал на неопходна координација меѓу земјите од Европската унија (ЕУ) и Велика Британија наспроти царините на Доналд Трамп, како и на потребата од единство.
-Додека глобалната економија трпи шок од тарифите наметнати од САД, ние ја потврдивме нашата желба тесно да ги координираме нашите позиции во тековните разговори со претседателот Трамп – рече Макрон.
Претседателот на Франција додаде дека сите во Европа треба да бидат обединети и решени да ги заштитат своите граѓани и бизниси.
Велика Британија, која ја напушти ЕУ пред повеќе од четири години, избегна некои од американските царини што ја погодија ЕУ и се надева на поповолен договор со САД.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека не е доцна за преговори, нагласувајќи дека ЕУ е подготвена да реагира.