Планот на Европската унија за намалување на потрошувачката на гас во Унијата за 15 отсто денеска стапува во сила, откако синоќа беше објавен во официјалниот административен весник на ЕУ.
Земјите-членки на ЕУ на 5 август независно спротивставувањата на Полска и на Унгарија формално усвоија итен план за намалување на потрошувачката на гас, за да заштедат гориво за зимата поради неизвесноста со руските испораки.
– Со оглед непосредната опасност за безбедноста на снабдувањето со гас предизвикана од руската воена агресија врз Украина, оваа регулатива треба веднаш да стапи во сила – стои во Службениот весник.
Договорот бара од сите земји од ЕУ доброволно да ја намалат потрошувачката на гас за 15 проценти, при што Европската комисија може да го прогласи тоа како обврска во вонредни околности, иако со одредени исклучоци за одредени земји и индустриски гранки.
Чешка како актуелен претседавач со ЕУ минатата седмица соопшти дека сите земји на Унијата го одобриле Договорот, со исклучок на Унгарија и Полска.
Пред почетокот на војната во Украина, Русија обезбедуваше 40 отсто од вкупните потреби на ЕУ за гас. Оттогаш Москва ги намали доставите гас за Европа, што од една страна го отежнува полнењето на складиштата пред зимата, а од друга страна ја заострува конкуренцијата во набавката неруско гориво.