Фото: Александар Вучиќ/инстаграм

Српските медиуми пред малку го објавија вонредното обраќање на претседателот Александар Вучиќ преку својот инстаграм профил, во кое тој понуди советодавен референдум за претседателот на Србија.

-Објективниот и непристрасен ЦРТА (Центар за истражување, транспарентност и отчетност-н.з.) ѝ соопшти на јавноста дека огромно мнозинство граѓани се за моја смена. Нема покредибилен извор, ниту за меѓународната заедница, ниту за политичките партии во Србија, од таа невладина организација. Се борев за народот и народот е мојата сила. Доколку се точни овие наводи на ЦРТА, невозможно е да останам на функцијата претседател на Србија и затоа опозициските партии треба да достават само 67 потписи, а имаат над 80 за да одржат советодавен референдум за претседателот на Србија – рече Вучиќ.

Легитимноста, според него, е најважна работа во политиката, а суверенитетот секогаш произлегува од волјата на народот.

-Мислам дека понудата е повеќе од фер и добро е сите во оваа земја да престанат да се преправаат дека се грижат за некои градежни документи и конечно да ги поставиме работите на своето место. Спротивно на врежаното верување, никогаш не сум бил заинтересиран за власта како таква, јас бев и сум заинтересиран само за напредокот на Србија – додаде претседателот Вучиќ.