Фото: Пиксабеј

Турција

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во текот на вчерашниот ден во изјава за медиумите потврди дека делегации на Русија и на САД денеска напладне во Истанбул ќе одржат уште една средба. Преговорите ќе се фокусираат на отстранување на пречките за работата на дипломатските претставништва на двете земји.
– Мислам дека резултатите од средбата јасно ќе покажат колку брзо и ефективно можеме да напредуваме – рече рускиот министер што ја предводеше руската делегација на првата ваква средба на 18 февруари во Ријад.
На средбата во Ријад, Саудиска Арабија, не учествуваа претставници од Европа и од Украина. Таа средба беше и прва од почетокот на војната во Украина. Американската делегација ја предводеше државниот секретар на САД, Марко Рубио.
Во вторникот американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека смета дека е неопходно да има мировни сили во Украина во една или друга форма. Трамп вчера повторно информира дека украинскиот претседател Володимир Зеленски в петок ќе пристигне во Белата куќа за потпишувањето договор за користење на ретките минерали на Украина со САД. Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин им понуди на САД заедничка соработка во експлоатацијата на рудни богатства во Русија, вклучувајќи и на териториите на Донецк, Луганск, Запорожје и Херсонската Област. Р.С.