Земјите од Комонвелтот на независни држави се соочуваат со тешки времиња поради геополитичката ситуација, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Тој истакна дека Минск и Москва многу сериозно ја сфатиле ситуацијата во која се наоѓаат.
-Од една страна, јасно е, постои голем брат (Русија) кој се обидува да ни помогне. Се разбира, и таа има свои интереси. Од друга страна се Американците, Западот. Не заборавајте дека нашата среќа е тука (во ЗНД). Токму на оваа маса има шефови на држави кои можат да го израдуваат нашиот народ, ако решиме некои прашања кои долго време не успеавме – нагласи Лукашенко на самитот на ЗНД во Бишкек.
Белорускиот лидер на Самитот истакнал и дека е неопходно по секоја цена да се зачуваат уникатните формати на единство во областа на ЗНД.
Тој рече дека не смее да се дозволи внатрешен раздор и попуштање пред идеолозите и поддржувачите на притисоци од санкции. Исто така, категорично е недозволиво да се подлегнува на провокации насочени кон поттикнување меѓунационални и територијални спорови на постсоветскиот простор.
Во Бишкек денеска се одржува Самит на лидерите на Комонвелтот на независни држави. Лидерите прво се сретнаа во тесен формат, а потоа средбата продолжи во проширен формат со учество на делегации.