На азискиот континент склучен битен билатерален договор за снабдување со гас за отпочнување нова „голема енергетска коалиција“
Иран ќе добива 300 милиони кубни метри руски гас дневно според 30-годишниот договор помеѓу Техеран и Москва, чија годишна вредност се проценува меѓу 10 и 12 милијарди долари. Двете земји наскоро се подготвуваат да потпишат сеопфатен долгорочен стратегиски договор, нешто слично на она што Иран го потпиша со Кина пред неколку години
Актуелните вести од Иран за голем договор за снабдување со гас помеѓу Москва и Техеран би можеле да означат отпочнување на нова „голема енергетска коалиција“ на азискиот континент. А веќе се согледуваат докази во прилог на ова тврдење. Зделката несомнено ќе го зајакне геополитичкото влијание на Иран во регионот на Блискиот Исток. Техеран веќе најави изградба на подморски гасовод низ Персискиот Залив за извоз на руски гас во Саудиска Арабија, а соседните Пакистан и Авганистан несомнено ќе бидат жедни за овој гас. Згора, Русија и Иран, како две земји изложени на силни санкции, целосно ја користат новонастанатата ситуација
Иран дневно ќе добива 300 милиони кубни метри руски гас
Иран ќе добива 300 милиони кубни метри руски гас дневно, како што објавија саудискиот медиум „Ашарк Ал-Авсат“ и британски „Ројтерс“, повикувајќи се на иранската државна агенција ИРНА. Ова го изјави министерот за нафта на Иран, Џавад Овџи. Рускиот енергетски гигант „Газпром“ во јуни потпиша меморандум со Националната иранска компанија за гас, за снабдување на Иран со руски гас од гасовод.
– Во моментов во Иран произведуваме помеѓу 840 и 850 милиони кубни метри гас дневно. Според договорот, 300 милиони кубни метри гас дневно ќе се пренесуваат од Русија преку Касписко Море – изјави Овџи, додавајќи дека трошоците за создавање на потребната инфраструктура ќе ги сноси Русија, пренесува британски „Ројтерс“.
Како дел од 30-годишниот договор, секој вишок руски гас што Иран не го користи дома ќе се извезува во други земји, рече Овџи, додавајќи дека годишната вредност на договорот е меѓу 10 и 12 милијарди долари.
Годишната испорака за Иран ќе биде на ниво на заедничките капацитети на Северен тек 1 и 2
„Газпром“ забележа дека снабдувањето со гас за Европа, некогаш изворот на две третини од вкупниот приход од гас, падна на најниско ниво од распадот на СССР поради конфликтот во Украина. Минатата година компанијата претрпе загуби од речиси седум милијарди долари, што е прва годишна загуба уште од 1999 година. Дневното количество испорачано на Иран ќе изнесува околу 110 милијарди кубни метри гас годишно, односно ќе биде на ниво на заедничката капацитети на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ (по 55 милијарди метри кубни) – со вкупно четири цевки поставени на дното на Балтичко Море од Русија до Германија. Како што е наведено, три од нив беа оштетени во експлозиите во септември 2022 година, додека една остана неоштетена. Во време кога меѓународното право во новите целосно нарушени глобални геополитички односи веќе не важи за големите играчи, или се применува селективно, земајќи го од него само она што им одговара во одреден момент, односно целосно игнорирајќи го кога тоа не им одговара на нивните интереси – Русија и Иран се во можност преку договорот целосно да ја користат новонастанатата ситуација во нивна полза.
Се подготвува потпишување сеопфатен долгорочен стратегиски договор
По истекот на меѓународните санкции (од страна на Обединетите нации) за извоз на модерно оружје во Иран во 2020 година и неуспехот на администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да ги продолжи (пред сѐ поради противењето на Москва), Русија и Иран потпишаа серија договори за купување модерно руско оружје, пред сѐ авиони „су-35“ генерација четири плус, со оглед на тоа што застарените авиони се најслабата алка во целокупниот состав на иранските вооружени сили, поради неможноста за стекнување современа технологија поради гореспоменатите речиси полувековни санкции. Двете земји наскоро се подготвуваат да потпишат сеопфатен долгорочен стратегиски договор, нешто слично на она што Иран го потпиша со Кина пред неколку години. Во овој контекст, многу важен дел ќе биде, покрај воената, енергетската и трговската соработка, како и изградбата и користењето на нови транспортни коридори, пред сѐ коридорот север – југ: од Русија, преку Иран до Индија, користењето на јужните ирански пристаништа за оваа намена, првенствено пристаништето Чабахар, за кое Техеран неодамна ја прошири својата концесија на Индија. Иран има огромни резерви на гас, втори по големина во светот по Русија, а особено импресивни се оние на полето Јужен Парс во северниот дел на Персискиот Залив. Москва долго време се обидува да направи пробив во својот бизнис со природен гас во земјата. Р.С.