Истражувачите од јапонскиот Универзитет во Јамагата открија 168 нови геоглифи во пустината Наска во Перу со помош на дронови.
Околу 50 од овие големи цртежи прикажуваат хуманоидни фигури, а другите се на птици, китови убијци, мачки и змии. Некои се само обични линии или трапезоидни цртежи.
Тешко е да се каже кога се создадени цртежите, но садовите од глина пронајдени покрај цртежите потекнуваат од периодот помеѓу 2 век п.н.е. и 2 век од нашата ера.
Со најновите додатоци откриени од истражувачите од Универзитетот Јамагата, официјалниот број на познатите цртежи од Наска сега изнесува 358. Многу од старите цртежи се на рамен терен, што ги прави тешко да се најдат. Со оглед на тоа што линиите се создадени со отстранување на камења и остатоци за да се открие контрастната обоена почва одоздола, ерозијата само го отежнува нивното откривање. Во таков случај се користат дронови.
Дроновите им овозможија на експертите да ги видат линиите на Наска со поголема јасност од кога било досега. Некои од информациите што ги собираат дури се анализирани со програми за вештачка интелигенција кои можат да издвојат различни модели побрзо и посигурно од човечкото око.
Линиите на Наска се една од најинтригантните мистерии во историјата, а откривањето на повеќе од нив можеби нема да нè доближи до сфаќање на нивната цел. Од некоја необјаснива причина помеѓу 500 п.н.е. и 500 година заедниците во јужниот дел на Перу почнале да цртаат едноставни линии, форми и фигури во пејзажот, од кои многу може да се видат во целост само од птичја перспектива.
Линиите се толкуваа на многу начини во текот на децениите, но најчестото објаснување е дека тие биле наменети за боговите на небото кои гледаат одозгора на луѓето. Друга популарна теорија сугерира дека овие фигури и цртежи биле наменети за ритуални астрономски цели и некако ги рефлектирале ѕвездите.