Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Снег, замрзнат дожд и многу ниски температури денеска погодија многу делови од Европа, а сообраќајот во голем број градови во неколку земји се одвива во отежнати услови или е во прекин.

Во Франција, според официјални претставници од повеќе делови од земјата, пет лица загинаа во сообраќајки, властите наредија камионите да се тргнат од патиштата, а некои училишта во Париз беа затворени поради снегот. Шест аеродроми на север и запад од Франција беа затворени поради обилни врнежи од дожд, додека стотици летови беа откажани на аеродромите низ целиот регион.

Голема количина снег падна и во Холандија, а аеродромот „Шипхол“ во Амстердам поради тоа откажа околу 400 летови, додека други авиони чекаат пистите да бидат одмрзнати и исчистени. Во Холандија, железничкиот сообраќај изутрината беше во прекин, а националната железничка компанија NS ги информираше патниците да „патуваат само доколку тоа е апсолутно неопходно“. На некои автопати, поради снегот и мразот се формираат долги колони возила.

Во Рим, реката Тибар се излеа поради интензивни дождови, а поради невремето помал број луѓе присуствуваа на изговарањето на благословот на папата на Богојавление. Градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери денескa издаде декрет со кој се ограничува пристапот до парковите и другите области во кои паднаа дрвја и има поплави.

Снег во Италија падна во Болоња и на Доломитите, а ниски температури се прогнозираат за поголемиот дел од северните и централните делови на земјата во наредните денови.

Студено време се очекува и во Велика Британија, каде што поради снегот е нарушен и железничкиот, патниот и воздушниот сообраќај, а стотици училишта се затворени.

Шкотските власти денеска ја повикаа армијата да го исчисти снегот и да достави храна и лекови до граѓаните кои се заробени во снегот или се отсечени од заедницата.

Дел од светските агенции јавуваат и за обилни дождови на Балканот, а се наведува дека снегот и дождот создале големи проблеми во сообраќајот и во снабдувањето со електрична енергија и вода. Се посочува дека една жена починала во Сараево, бидејќи гранка ѝ паднала врз главата, неколку општини во Србија прогласиле вонредна состојба поради лошите временски услови, а неколку мали куќи на Ада Бојана во Црна Гора биле однесени од морето.