Бројот на загинати во нападот во училиште во австрискиот град Грац достигна 10- соопшти австриската агенција АПА.
Меѓу жртвите има ученици, најмалку еден возрасен и осомничениот напаѓач, потврди градоначалничката на Грац, Елке Кар, додавајќи дека има и многу повредени. Според локални медиуми, напаѓачот е најверојатно ученик во училиштето и си го одзел животот во тоалетот.
Според првичните информации од полицијата, напаѓачот најверојатно дејствувал сам. Околу пладне властите соопштија дека ситуацијата е под контрола и нема опасност за безбедноста на граѓаните, а амбулантните возила почнале да се повлекуваат од местото на нападот.
Децата од училиштето биле префрлени во блиската сала за настани „Хелмут Лист Хале“, каде се грижеле за нив тимови на итната помош и Црвениот крст.
Полицијата започна истрага за утврдување на мотивите на напаѓачот.
По првите истрели, областа околу училиштето била блокирана од полицијата околу 10 часот наутро. Учениците биле евакуирани, а граѓаните биле повикани да ја избегнуваат зоната и да ги следат инструкциите на силите за безбедност. Областа останува под полициска блокада, а маршрутите на јавниот превоз се променети. Тешко вооружени полицајци ги обезбедуваат сите крстосници околу училиштето.
Австрискиот канцелар Кристијан Штокер и министерот за внатрешни работи Герхард Карнер се упатија кон Грац.