При апсењето на главниот осомничен за перење пари на Канарските острови, беше запленета и голема количина пари во готовина

Шпанската полиција, во соработка со Европол и Европравда, неодамна реализираа акција против криминална организација што перела пари поврзани со случајот „Магнитски“. Со реактивирање на случајот „Магнитски“ повторно се отвораат различни перспективи за глобалната корупција. Се покажува дека корупцијата не познава ни исток ни запад, иако постојат идеолошки разлики меѓу нејзините актери, па дури, според некои аналитичари, војната што се води на тлото на Украина се води меѓу Истокот и Западот. Којзнае по кој пат организираните криминални групи, независно од каде доаѓаат, лесно наоѓаат истомисленици во сосема други држави, а сите се водат од иста цел, да заработат што повеќе пари. Случајот „Магнитски“ уште еднаш го потврдува тоа

ОД ИСТОК ДО ЗАПАД СЕ ПРОТЕГААТ КРАЦИТЕ НА ГЛОБАЛНИОТ КОРУПЦИСКИ ОКТОПОД

Во сенка на случувањата во Украина, каде што се вперени очите на меѓународната јавност, се одвиваат криминални активности, каде што се вклучени актери од Истокот, но и од Западот, а кои не обрнуваат многу внимание на некакви идеолошки разлики. Профитот од нечесните зделки кај нив е на прво место и токму затоа лесно наоѓаат истомисленици од другата страна. Последната ваква потврда дека за криминалците не постојат никакви пречки да ги реализираат своите замисли, дури и со луѓе од сосема поинаква идеолошка матрица, доаѓа од Шпанија.
Имено, со поддршка на Европол и Европравда, шпанските власти реализираа акција против криминална организација што перела пари поврзани со случајот „Магнитски“, корупциски случај во Русија од 2009 година. Се верува дека овој синџир за перење пари извлекол од Русија 219 милиони евра преку банкарски сметки во Европа пред да ги испрати средствата во Шпанија за купување недвижен имот.

АКЦИЈА НА ЕВРОПОЛ И ЕВРОПРАВДА

Главниот мозок на оваа шема за перење пари бил уапсен од страна на полициските сили на Канарските Острови. Досега, во рамките на оваа акција, во Шпанија, запленети се вкупно 75 имоти со вредност од 25 милиони евра. Од истрагата се проценува дека неверојатни 219 милиони евра во срцето на измамата се всушност средства што влечат корен од случајот „Магнитски“.
Името на самиот случај потекнува од рускиот даночен адвокат Сергеј Магнитски, кој почина во руски затвор во 2009 година, откако откри огромна даночна измама извршена од руски даночни службеници.
Шпанските истражители успеале да утврдат како дел од тие валкани пари завршиле инвестирани во шпански недвижен имот. Идентификувана е група на поединци – сите руски државјани со мали или никакви врски со Шпанија, заедно со голем број членови на компании што немале никаква реална економска активност во оваа земја. Парите им биле испраќани на банкарските сметки на овие руски државјани што наводно живеат во Шпанија за да купат имот или биле испратени до шпанските агенции за недвижности со силни врски со руската заедница што би купувале недвижен имот во име на наводните клиенти.
Истрагата во Шпанија ја спроведе шпанската национална полиција, под координација на Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал и Централниот инструкциски суд бр. 2 на Националниот висок суд.

КОЈ Е МАГНИТСКИ И ЗОШТО ТРЕБАШЕ ДА УМРЕ?

На Запад, името на Сергеј Магнитски често се спомнува заедно со името на Ана Политковскаја или Борис Немцов – познати критичари на Кремљ кои станаа жртви на убиство. Но московскиот адвокат Магнитски не беше опозиционер и стана познат дури по неговата смрт во истражниот затвор во 2009 година. Во странство, неговиот случај стана синоним за корупција и судско самоволие во Русија. Во неговата татковина, тој беше осуден постхумно, а неговата смрт предизвика спирала санкции – не само против руските граѓани.
Сергеј Магнитски е роден во 1972 година во Одеса. Првично тој работел како финансиски ревизор во Москва. Меѓу неговите клиенти била и компанијата „Ермитаж капитал менаџмент“ на американскиот претприемач со британски пасош Вилијам Браудер, кој од крајот на 1990-тите е меѓу најголемите инвеститори во тогашна Русија. Сепак, Браудер подоцна западна во проблеми и му беше забранет влез во земјата. Тој самиот се дефинираше себеси како „непријател број 1 на државата на Путин“.
Во 2007 година, неговата компанија дошла под удар на законот под сомнение за даночно затајување. На Браудер му помага адвокатот Сергеј Магнитски, кој во текот на неговата истрага открива огромна корупциска шема. Тој тврди дека даночната полиција пренасочила 5,4 милијарди рубли од сметките на компанијата во непознат правец. Предметните пари подоцна биле испрани преку скандинавска банка во балтичките земји.
Во 2008 година, самиот Магнитски бил уапсен под обвинение за затајување данок. Тој помина речиси една година во истражен затвор, каде што здравјето сериозно му се влоши. Последователно, Магнитски почина на само 37 години. Според официјалната верзија, причината за неговата смрт била срцева слабост, но роднините на Магнитски се сомневаат во тоа. Во август 2019 година, Европскиот суд за човекови права пресуди дека Магнитски не ја добил потребната медицинска нега за време на неговиот притвор. Освен тоа, околностите околу неговата смрт не се докрај истражени.

СКАНДАЛОТ СТИГНА И ДО САД

Набргу по смртта на Магнитски, американскиот сенатор Бенџамин Кардин поведе инцијатива за воведување санкции за одговорните за смртта на Магнитски. Кон крајот на 2012 година, во времето на претседателот Барак Обама, американскиот Конгрес го изгласа т.н. Магнетен закон. Мерката вклучува замрзнување банкарски сметки и наметнување забрани за влез во САД. Првично, санкционираната листа содржела само имиња на малку познати функционери во рускиот правосуден систем што, според американските власти, биле поврзани со смртта на Магнитски.
Во 2016 година беше усвоена целосно нова верзија на законот, која повеќе не се однесува само на Русија. Новиот закон ѝ дава право на американската влада да преземе мерки против поединци низ светот осомничени за прекршување на човековите права. Врз основа на овој закон се воведени санкции, на пример, против чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, како и против лицата вклучени во убиството на саудискиот новинар Џамал ​​Кашоги.

Како реагираше Русија?

По истрагата спроведена во Русија, властите објавија дека Магнитски починал од природна смрт. И случајот беше затворен. Во 2013 година, Магнитски беше осуден во отсуство за даночно затајување. Бизнисменот Браудер исто така беше осуден двапати – исто така за даночно затајување. Москва дури и во неколку наврати го стави името на отворениот критичар на Путин на меѓународните списоци на Интерпол за барани лица – но без успех.
Како одговор на првиот закон Магнитски, Русија во 2012 година донесе сопствен закон со кој им се забранува влез во Русија на одредени американски државјани – под обвинение за прекршување на човековите права или дела против руски државјани во странство.
Тој дел од законот, со кој на американските граѓани им беше забрането да посвојуваат руски деца што останале сирачиња, предизвика многу критики. По распадот на Советскиот Сојуз, тоа стана широкораспространета практика – илјадници руски сирачиња беа посвоени во САД. Неофицијално, руските медиуми го нарекоа законот по Дима Јаковлев, руско момче што почина кратко откако беше посвоено во САД, откако неговиот татко го остави предолго на жештина во затворен автомобил.
Но тоа е политичката разврска на случајот „Магнитски“. Онаа другата, финансиската, допрва ќе се расветлува, ако воопшто некогаш се расчисти. Парите што се појавија во Шпанија се само дел од сумата што исчезна на волшебен начин од сметката на американската компанија.