Словачки училишта и институции, вклучително и банки, денеска добија над 1.100 закани за бомби што предизвика евакуации низ целата земја, соопшти полицијата, објавувајќи дека покренала истрага за тероризам.
– Актот се истражува како особено тешко кривично дело терористички напад – рече Растислав Полакович, заменик-началник на полицијата.
Тој посочи дека мејловите почнале да пристигнуваат во училиштата денеска од пет или шест часот наутро и додаде дека речиси 1.000 од заканите за бомби биле упатени кон училишта, а повеќе од 100 од нив биле примени од банките.
– Полицијата ја проверува безбедноста во училиштата и работи на откривање на сторителот – објави полицијата на својата официјална фејсбук-страница.
Насилниците се соочуваат со можна доживотна затворска казна.