Тензиите помеѓу милијардерот Илон Маск и Европската комисија (ЕУ-владата) во нагорен тренд
Купувањето на платформата Икс (социјална мрежа на интернет, некогаш позната под името Твитер) од страна на Маск, пред речиси две години, отвори еден проблем за ЕУ, односно за владата на Унијата (за Европската комисија), бидејќи на споменатата социјална мрежа новиот сопственик Илон Маск врати во функција некои претходно забранети профили, а и ги засили своите објави со одредени ставови на својата социјална мрежа што „не се совпаѓаат со одредени мејнстрим-политики“ на Унијата, поточно на Европската комисија (ЕК).
Од друга страна, пак, Закон за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) донесе и нови овластувања на Унијата „да спроведува опсежни правила“, како што наведуваат од Брисел, „во областите поврзани со дезинформации и рекламирање“.
Брисел тврди дека Маск објавува „нелегална содржина“ на платформата Икс
Комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, неделава објави писмо на Икс, неколку часа пред милијардерот Маск да го интервјуира американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на платформата Икс (Х), во кое се заканува со „целосна употреба на санкциите според ДСА“ (Закон за дигитални услуги на ЕУ) доколку Маск не успее да ја повлече и спречи „нелегалната содржина“ (нелегална според критериумите и прописите на бриселската администрација),на платформата Икс.
И Маск и тимот на Трамп реагираа жестоко на ваквото предупредување од страна на официјален Брисел.
Маск го критикуваше она што тој го нарече „цензура во рамките на ДСА“, додека изборниот штаб на Трамп порача дека „Европската Унија е непријател на слободата на говорот и нема никаков авторитет да диктира како да водиме кампања“.
Но, многу е интересно тоа што интервенцијата на Бретон брзо беше демантирана од Европската комисија, која рече дека „тајмингот и формулацијата на писмото не биле ниту координирани ниту договорени“ со колегите комесари. (?!)
Тензиите помеѓу Маск и Унијата се зголемија откако Икс во декември минатата година стана првата платформа што се соочи со истрага под ДСА, поради тврдењата дека не била транспарентна за рекламирањето и дозволила ширење содржина што се смета за нелегална во ЕУ.
Се смета дека евентуалното губење на пристапот до ЕУ значително ќе го намали бројот на корисници на Икс, за кои се проценува оти се 111 милиони на месечно ниво. Самиот Маск е најследена личност на Икс, со 194 милиони обожаватели.
Неодамна Европската комисија (ЕК) беше јавно обвинета од Маск
Кој ја ограничува слободата на говорот?
Неодамна, Европската комисија (владата на ЕУ) беше јавно обвинета дека нудела „илегален таен договор за ограничување (на слободата) на говорот“. Ова тешко обвинување гласно го објави сопственикот на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер), Илон Маск, кој тврди дека освен неговата компанија, другите социјални мрежи ја прифатиле понудата од Европската комисија. Тој во објава на мрежата Икс вели дека на компанијата ѝ било понудено (таен договор) да цензурира објави, а за возврат тоа да не биде санкционирано според правилата на ЕК, односно ЕУ да прогледа низ прсти и субјектот да не ја добие пропишаната парична казна (од ЕК) доколку цензурира нешто што не му оди во полза на Брисел.
– Европската комисија му понуди на Икс незаконски таен договор: ако тивко го цензурираме говорот и не му кажеме никому, тие нема да нè казнат. Другите платформи го прифатија тој договор. Икс – не!!! – напиша Маск.
Брисел подготвува тајни договори, а декларира принципиелност и доследност во ЕУ?!
Од Европската комисија, во однос на јавните обвинувања на Маск и неговата платформа Икс за понуда за „таен договор за цензура“, официјално одговараат дека „социјалната мрежа прави повеќе прекршоци и за тоа мора да биде казнета“.
– Според нашето мислење, Икс не е во согласност со ДСА (акт на ЕУ за дигитални услуги) во клучните области на транспарентност. Ги доведува во заблуда корисниците, не обезбедува соодветно складиште за реклами и го блокира пристапот до податоците за истражувачите. Тоа е првпат да издаваме прелиминарни наоди според Законот за дигитални услуги – пишува Маргарет Вестагер, извршна потпретседателка во ЕУ, одговорна за дигитална ера и комесарка за конкурентност.
Без оглед на деталите во спротивставените аргументи во спорот меѓу платформата Икс на Илон Маск и Европската комисија, ваквите јавни обвинувања за цензура од страна на релевантни личности и субјекти во дигиталната сфера за институциите на ЕУ во голема мера го „здебелуваат“ досието на сомневања за принципиелноста и доследноста на Унијата во начинот на кој ги носи одлуките, како принципот на консензус во однос на проширувањето. Иако навидум демократски, се чини дека во практика таквиот начин на одлучување во голема мера остава простор за уцени и тајни договори и некој би можел да го искористи тоа. Но во чија полза?
Двочасовно интервју на социјалната мрежа Икс
Пријателскиот разговор помеѓу Трамп и Маск попречен од технички проблеми
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп имаше двочасовно интервју во пријателска атмосфера со претприемачот милијардер Илон Маск на неговата социјална мрежа Икс, откако технички проблеми го одложија почетокот на настанот повеќе од 40 минути.
Маск, кој го поддржа Трамп, истакна дека техничките проблеми се случиле поради своевиден напад во кој серверот или мрежата се преплавени со сообраќај во обид да се исклучат, иако неговото тврдење не може да се потврди.
Трамп се обиде да ги претвори проблемите во нешто позитивно, честитајќи му на Маск за бројот на луѓе што се обидуваат да го следат интервјуто. Бројачот на Икс покажа дека дури 1,3 милион луѓе барем повремено го слушале долгиот разговор.
Техничките проблеми потсетија на сличен настан на Икс од мај 2023 година, кога гувернерот на Флорида, Рон Десантис, претрпе хаотичен почеток на неговата кандидатура за републиканска претседателска номинација поради дефекти на платформата.
Во тоа време Трамп му се потсмеваше на Десантис на сопствената платформа т.н. Мрежа за вистина.
Икс во меѓувреме не одговори на барањата на „Ројтерс“ за дополнителни информации во врска со техничките проблеми за време на интервјуто. Р.С.