Се наѕираат значајни промени во најмоќните држави на ЕУ, Германија и Франција
Во контекст на промените во ЕУ, кои се наѕираат, се поставува прашањето за позиционирање на Македонија во новите европски политички води и за можноста
да се насочи кон посодржајни односи со политичките партии и лидери, кои навестуваат дека е можно во скорешна иднина токму тие да се најдат на чело на
Германија и на Франција
Во Франција деновиве се најавуваат нови протести на движењето „Блокирај сѐ“, уште помасовни од големите протести на 10 септември против претседателот Емануел Макрон и француската влада, со учество на околу 200 илјади Французи. Францускиот весник „Л’монд“ напиша дека главниот фокус е на денешниот ден, кога сите синдикати повикаа на генерален штрајк во сите сектори. Во меѓувреме најновата анкета на „Ипсос“ покажа дека популарноста на францускиот претседател Емануел Макрон го достигна најниското ниво откако дојде на власт во 2017 година: само 17 проценти од испитаниците го фаворизираат шефот на француската држава.
Незадоволство и во Германија од политиките на официјален Берлин
Следуваа големи протести изминатава сабота и во Берлин, во главниот град на Германија, против вмешаноста на оваа држава во воените судири на Блискиот Исток и Украина. Според германските медиуми, околу 20 илјади германски граѓани излегоа на улиците на Берлин за да протестираат против војната и трката во вооружување, за мир во Европа и Појасот Газа. Акцијата беше организирана од партијата Сојуз на Сара Вагенкнехт – за разум и правда. По пребројувањето на гласовите од општинските избори, одржани изминатава недела во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената сојузна покраина во Германија, државниот информативен медиум „Дојче веле“ објави дека, иако ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц победи на тие избори, партијата Алтернатива за Германија оствари историски придобивки во последните години, станувајќи втора најсилна политичка сила на национално ниво во Германија.
Во Франција и во Германија на нозе се суверенистички политички сили и лидери, кои сѐ поенергично се против глобалните амбиции на своите влади и бараат „завртување кон себе и расчистување на напластените проблеми внатре во сопствените држави“, грижа за својата нација и без хегемонистички глобалистички аспирации. Во контекст на промените во ЕУ, кои се наѕираат, се поставува прашањето за позиционирање на Македонија во новите европски политички води и за можноста да се насочи кон посодржајни односи со политичките партии и лидери, чија веројатност е голема дека во скорешна иднина ќе се најдат на кормилото на Германија и на Франција, а чии политики инсистираат на зачувување на националните држави, а потоа нивна интеграција во цивилизациите во функционални сојузувања и соработки.

Сигнал што треба да биде регистриран: Французите ги отфрлаат Макрон и неговиот макронизам
На еден ден пред најавените нови масовни собирања на „Блокирај сѐ“ низ цела Франција стигнаа резултатите од најновите мерења на популарноста на францускиот претседател Емануел Макрон, кој го достигна најниското ниво откако дојде на власт во 2017 година: сега 17 проценти од испитаниците го фаворизираат шефот на државата, покажа анкетата на „Ипсос“. Според анкетата спроведена минатата недела, популарноста на Макрон нагло опадна за седум процентни поени во споредба со јули 2025 година и изнесува 17 проценти одобрување, што е најниското ниво досега забележано откако тој дојде на власт во 2017 година, објавија француските медиуми.
Новоизбраниот премиер Себастијан Ле Корну, кој беше назначен од Макрон, веќе има висок негативен рејтинг и е непозната политичка личност за многу испитаници. Анкетата на „Ипсос“ покажа дека најпопуларни политичари, кои ќе го заменат Макрон како претседател на Франција во 2027 година, се лидерите на десничарската партија Национално собрание, Жордан Бардела, со 35 проценти позитивни мислења, и Марин
Ле Пен, со 32 проценти.
Втор сигнал од Германија, кој исто така треба да биде регистриран
Владејачката партија ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц е на пат да победи на локалните избори во Северна Рајна-Вестфалија, но суверенистичката АфД го зголеми тројно својот удел меѓу гласачите во Северна Рајна-Вестфалија од последните локални избори во најнаселената покраина во Германија, покажуваат првичните процени. По затворањето на гласачките места на општинските избори низ Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, првичните прогнози покажаа дека партијата на германскиот канцелар Фридрих Мерц е на пат да победи. Но исто така и гореспоменатата Алтернатива за Германија (АФД) исто така има причини за славење.
ЦДУ на Мерц е на пат да освои околу 34 отсто од гласовите, следена од централно-левичарската партија СПД со 22,5 отсто. Суверенистичката АФД има 16,5 отсто од гласовите, што е повеќе од трипати од 5,1 отсто од гласовите, кои ги имаше освоено оваа партија на општинските избори во 2020 година.
– Во неделата беа првите локални избори откако канцеларот Фридрих Мерц ја презеде функцијата во мај. Алтернатива за Германија оствари историски придобивки во последните години, станувајќи втора најсилна политичка сила на национално ниво – објави „Дојче веле“.
Свето Тоевски