По завчерашните парламентарни избори во Холандија
- За многумина од лидерството на ЕУ во Брисел, гледајќи ги резултатите на холандските избори, најголемите грижи се: дали следната холандска влада ќе биде постабилна од претходната? И колку време ќе биде потребно за да се формира владејачката коалиција? Судејќи според искуствата од изминатите неколку години, по завчерашните избори одржани во Холандија, конечниот облик на следната холандска влада и нејзините политички планови не се очекува да станат јасни со месеци
Светските медиуми по завчерашните парламентарни избори во Холандија коментираат дека „конечниот облик на следната холандска влада и нејзините политички планови не се очекува да станат јасни со месеци, судејќи според изборните резултати, како и според искуствата од изминатите неколку години.
Проевропскиот либерал Роб Јетен забележа подем во последните денови од кампањата и има шанси да стане премиер. Тој на 38 години би бил најмладиот што ја извршувал функцијата по Втората светска војна. Партијата Демократија 66 на Јетен никогаш досега не покажала толку добри резултати на холандските избори. Под претпоставка дека Јетен ќе ја добие функцијата што ја посакува, тој ќе биде првиот премиер од таа партија. Јетен неделава изјави за „Политико“ дека сака повторно да ја доближи Холандија кон оваа Европска Унија, откако земјата загуби дел од влијанието во ЕУ во изминатите две години.
Од друга страна, десно ориентираниот Герт Вилдерс, кој се залагаше за напуштање на Европската Унија, беше навистина на пат кон победа на изборите во 2023 година, но, зачудувачки, загуби речиси една третина од своите гласачи по 11 месеци за неговата Партија за слобода (ПВВ) во коалицијата.
За многумина во Холандија, гледајќи ги резултатите на изборите, сепак најголемите грижи се: дали следната холандска влада ќе биде постабилна од претходната? И колку време ќе биде потребно за да се формира владејачката коалиција? Поминаа седум месеци помеѓу последните избори во ноември 2023 година и преземањето на функцијата премиер од страна на Шуф во јули 2024 година.
– Којзнае што ќе се случи во Украина, Блискиот Исток или во трговската војна на Доналд Трамп со Кина во тоа време? Од суштинско значење за европската соработка е новата влада да биде стабилна и способна да донесува смели одлуки, со оглед на моментните геополитички предизвици со кои се соочува Европа – вели европски дипломат во изјава за „Политико“.
За премиерот во заминување Дик Шуф се покажа како тешко наследувањето на долгогодишниот претходник Марк Руте, кој сега е генерален секретар на НАТО, откако домашните поделби дополнително му ја отежнаа работата. Останува да се види како ќе се снајде новиот холандски премиер на одговорната функција. Со оглед на поддршката на либералните елити од Брисел, се очекува нешто побрзо конституирање на пробриселската нова холандска влада. Р.С.
 
             
		

































