Фото: „Нова Македонија“

Eнергентите повторно во фокусот на прибалтичките држави

Радоста во Естонија по префрлањето на балтичките земји од руска на европската електрична мрежа брзо спласна поради високите потрошувачки цени. Незадоволството во балтичките земји откако Литванија, Летонија и Естонија го напуштија енергетскиот прстен што го формираа со Русија и Белорусија (БРЕЛЛ) е повеќе од видливо, преку јавните жестоки реакции на жителите на прибалтичките земји. Имено, тие сведочат дека цените на струјата драстично се зголемиле

Исклучувањето од руско-белоруската мрежа беше поради геополитички причини, а не поради економски
На 8 и 9 февруари Литванија, Летонија и Естонија се исклучија од енергетската мрежа од советската ера, енергетскиот прстен БРЕЛЛ со Русија, и се поврзаа со европскиот енергетски систем. Но ситуацијата набрзо стана крајно песимистичка, поради енормното поскапување на струјата, објавија некои од светските медиуми.
Прекинот на врската со Русија за снабдување електрична енергија има геополитичко и симболично значење. Таквиот процес се забрза откако рускиот претседател Владимир Путин им нареди на своите трупи да ја нападнат Украина пред три години, оштетувајќи ги односите на Москва со ЕУ – објави „Јаху њуз“, а пренесе „Евроњуз“.
Понатаму „Евроњуз“ објави дека новата цена на електричната енергија скокна од 126 евра за мегават-час минатата недела, односно оти новата просечна цена е 191 евро за мегават-час, што е зголемување од околу 50 отсто и највисока цена за 2025 година досега. За споредба, на денот на исклучувањето од заедничката мрежа со Русија и Белорусија, цената на струјата што балтичките земји ја добија од таа мрежа изнесуваше 62,74 евра, според руските медиуми. Разликата во цените на струјата меѓу Финска и Естонија исто така е фрапантна.
– Финска извезува струја по цена од 11,3 евра за мегават-час, а Естонија ја увезува по цена од 92 евра – изјави шефот на енергетската компанија „Еести енерџи“, Андрус Дуреико.
Експертите велат дека поскапувањето најмногу се должи на временските услови и условите на пазарот. Згора, подморскиот кабел „Естлинк 2“ претрпе оштетувања и не е во функција, што се смета дека исто така влијаеше врз цената на струјата. Р.С.