Синовите на озлогласениот водач на наркокартелот Синалоа, Хоакин Гузман, познат како Ел Чапо, кој отслужува доживотна казна затвор во САД, го продолжија „семејниот бизнис“ со трговија со фентанил. Тоа го сторија преку создавање мрежа на лаборатории кои произведуваат огромни количини на евтина дрога, што тие ја шверцуваат во САД, според неодамнешното обвинение на американските обвинители.
Иако судењето на Ел Чапо беше главно за испорака на кокаин, случајот против неговите синови открива дека картелот направил промена, преминувајќи на исклучително опасен фентанил, што криминалците го продаваат во САД по најниски цени, според обвинението од 14 април, објави „Асошиејтед прес“.
Синтетичките опиоиди, главно фентанил, убиваат повеќе Американци секоја година отколку војните во Виетнам, Ирак и Авганистан заедно, поради што некои политичари велат дека картелите треба да бидат означени како терористички организации. Проблемот со фентанил во САД трае повеќе од 20 години.
Меѓутоа, правењето сопствен фентанил, кој е многу посилен и поопасен од хероинот, во мали скриени лаборатории целосно ја промени „играта“, додава американската новинска агенција. Картелот премина кон изградба на лабораторија за фентанил, подоцна создавајќи мрежа од лаборатории во мексиканската држава Синалоа пред помалку од една деценија.
– Тоа не се суперлаборатории, бидејќи на луѓето им даваат илузија дека личат на фармацевтски лаборатории. Тоа се само метални цевки во кои понекогаш се користат дрвени весли, па дури и лопати за мешање хемикалии – изјави Мајк Виџил, шефот на меѓународните операции во американската Федерална администрација за борба против дрога (ДЕА).
Во една серија, картелот може да направи 100.000 таблети.