Брисел упорно дава погрешни одговори на клучните прашања како што се војната, миграциите и енергетската безбедност, со што го кочи просперитетот на европските граѓани и ја доведува во прашање иднината на целиот континент, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Тој додаде дека гласот на граѓаните не може да биде потиснат бидејќи во Европа почна т.н. „патриотска револуција“.
Сијарто оцени дека „билансот на неуспехот“ на раководството во Брисел е очигледен, наведувајќи дека европските земји секојдневно се приближуваат до војна, додека „мигрантите ги преплавуваат улиците на западните градови, а сметките за енергија на домаќинствата ширум континентот нагло растат“.
Тој, во објава на Фејсбук, истакна дека Унгарија била првата земја која јасно порачала дека нема да учествува во војната во Украина, дека нема да прими ниту еден мигрант и оти нема да се откаже од руските енергенси, со што, како што наведе, ги зачувала најниските трошоци за комунални услуги во Европа.
– Имаме национална влада, се потпираме на здравиот разум и реалноста и се водиме од еден единствен критериум – интересите на унгарскиот народ – нагласи Сијарто.
Според него, неуспешната политика на Брисел станува се поочигледна, додека гласот на граѓаните повеќе не може да биде потиснат, бидејќи ширум Европа почна „патриотска револуција“.
– Унгарците веќе не се сами и во сè поголем број земји зајакнува свеста дека само националните влади можат да ја запрат надолната патека на нашиот континент – нагласи унгарскиот министер.
Сијарто наведе дека токму поради тоа претстојниот изборен циклус е од голема важност за Брисел, кој, како што рече, сака да ја отстрани актуелната унгарска влада која „јасно ги оспорува политиките што ја турнаа Европа во криза“, а нејзиниот пример го следат сè повеќе земји.
Тој оцени и дека Брисел заговара модел на „марионетска влада“ која беспоговорно би ги следела инструкциите, би праќала пари, оружје и војници во Украина, би примала мигранти и би се откажала од руските енергенси.
– На изборите во 2026 година ќе се одлучува дали Унгарија ќе остане надвор од војната или ќе биде вовлечена во неа, дали ќе го задржиме намалувањето на трошоците за енергија или ќе дозволиме нивен нагол раст – порача Сијарто, додавајќи дека суштинското прашање е дали земјата ќе ја води национална или „марионетска влада“.


































