Унгарија е одлучна во намерата да се заштити себе и Европа од илегалната миграција и го повикува Брисел да прекине со двојните стандарди за тоа прашање, изјави синоќа шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Тој, по состанокот со министрите за надворешни работи од Ц5 форматот (централноевропски држави – Австрија, Словенија, Словачка, Унгарија, Чешка), наведе дека илегалната миграција „е еден од најсериозните заеднички предизвици со кои се соочува регионот“.
– Унгарија од 2015 година потроши стотици милијарди форинти за заштита на границата, со што не ја штитеше не само Унгарија туку и централна и поширокиот дел на Европа од потенцијалниот бран од милиони илегални мигранти – истакна Сијарто.
Тој ги информираше своите колеги дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја пофалила Полска за изградбата на ограда на границата и ветила финансиска помош, додека Унгарија плаќа дневна казна од еден милион евра на Брисел за заштита на надворешната граница на ЕУ.
– Ова е сериозна неправда и груб двоен стандард – посочи Сијарто и ги замоли министрите „во духот на солидарноста на Централна Европа“ да помогнат во решавањето на ова прашање.