Фото: Принтскрин

 Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави денеска дека Пекинг и Москва се „вистински пријатели“ кои „меѓусебно се поддржуваат“, објавија кинеските државни медиуми.

– Историјата и реалноста покажуваат дека Кина и Русија се добри соседи кои не можат да бидат отуѓени, како и вистински пријатели кои меѓусебно се поддржуваат и постигнуваат заеднички развој – рече Си.

Медиумите пренесоа дека Си и рускиот претседател Владимир Путин имале телефонски разговор.

Разговорот следи откако неколку странски лидери пристигнаа денеска во Киев на состанок за солидарност со Украина, точно три години од почетокот на руската инвазија на Украина.

Кинескиот претседател ги поздрави напорите на Русија и другите земји за решавање на војната во Украина.

– Кина е задоволна што ги гледа позитивните напори на Русија и другите релевантни страни во решавањето на кризата – му рекол Си на Путин.