Фото: ЕПА

Кинескиот претседател Си Џинпинг предупреди дека светот се соочува со избор меѓу мир и војна, додека ја предводеше најголемата воена парада во историјата на својата земја.

Свечениот настан се одржа по повод 80-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна.

– Денес човештвото е исправено пред изборот помеѓу мир или војна, дијалог или конфронтација, добивка за сите или игра со нулта збир – изјави Си пред повеќе од 50.000 гледачи на плоштадот Тијананмен, додавајќи дека кинескиот народ „цврсто стои на вистинската страна на историјата“.

Возејќи се во отворена лимузина, Си вршеше смотра на војниците и најсовремената воена техника, меѓу кои ракети, тенкови и дронови.

Фото: ЕПА

Хеликоптери носеа големи транспаренти, борбени авиони летаа во формација, а 70-минутната парада заврши со пуштање на 80.000 гулаби и шарени балони.

Облечен во костум во стилот на Мао Це Тунг, Си претходно ги поздрави повеќе од 20 светски лидери на црвениот килим. Гости беа и рускиот лидер Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, индонезискиот претседател Прабово Субианто… Сопругата на Си, Пeнг Лијуан, на англиски им посака „Добредојдовте во Кина“ на дел од гостите.

Си ја претстави Втората светска војна како клучен пресврт во „големото обновување на кинеската нација“, кога земјата ја надмина понижувачката инвазија на Јапонија за да стане економска и геополитичка сила.

Паралелно, тој промовира нов глобален поредок, повикувајќи на единство против „хегемонизмот и политиката на сила“ – порака насочена кон САД.

Настанот имаше и внатрешнополитичка функција – зајакнување на патриотскиот дух.

Фото: ЕПА

За овој собир беа преземени максимални безбедносни мерки. Главни улици и училишта во Пекинг беа затворени, а локалните власти мобилизираа десетици илјади доброволци и партиски членови за надзор на јавниот ред.