Фото: Твитер на Претседателот на Русија / Архива

Кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот руски колега Владимир Путин почнаа билатерални разговори во Пекинг, во пресрет на големата воена парада во кинескиот главен град, пренесе Би-би-си.

Путин ги пофали односите меѓу двете земји, велејќи дека тие се на „невидено ниво“, додавајќи дека нивната „блиска комуникација ја одразува стратешката природа на руско-кинеските врски“.

– Драг пријателе, и јас и целата руска делегација сме задоволни што повторно се среќаваме со нашите кинески пријатели и колеги – му рече Путин на Си, според видеото објавено на официјалната страница на Кремљ на Телеграм.

– Нашата блиска комуникација ја одразува стратешката природа на односите меѓу Русија и Кина, кои се на невидено високо ниво. Ние секогаш бевме заедно тогаш, и остануваме заедно сега – додаде Путин.

Си му рече на Путин дека „односите меѓу Кина и Русија го издржаа тестот на меѓународните промени“, додавајќи дека Пекинг е подготвен да работи со Москва за да „промовира изградба на поправеден и поразумен глобален систем на управување“.

Си утре ќе биде домаќин на најголемата воена парада во Кина со која ќе се одбележи 80-годишнината од предавањето на Јапонците во Кина на крајот на Втората светска војна.

Тоа доаѓа во време кога Си се обидува да ја проектира моќта на Пекинг на меѓународната сцена – не само како втора по големина економија во светот, туку и во дипломатијата.

Тој ја нагласи улогата на Кина како стабилен трговски партнер, додека царините на американскиот претседател Доналд Трамп ги нарушија економските односи.