Фото: Илустрација

Премиерот на Шведска Улф Кристершон изјави дека во Данска се испратени „силни радарски системи“ кои треба да помогнат во откривањето и следењето на беспилотните летала, кои минатата недела надлетуваа над данските вени бази и во близина на цивилниот аеродром.

Шведска во Данска испраќа систем за рано предупредување и надзор на воздушниот простор, кој треба да обезбеди подобра координација помеѓу данската полиција, армија и НАТО.

Кристершон посочи дека Шведска ја поддржува Данска во моменти кога безбедносните предизвици се шират преку границите.

Поддршка најави и Франција, која ќе испрати хеликоптер „Фенек“, како и тим од 35 лица.

Данскиот воздушен простор две вечери (петокот и саботата ноќта) по ред беше нарушен од неидентификувани дронови. Претходно, на 22 септември неидентификувани беспилотни летала беа забележани над цивилни аеродроми во Копенхаген и Осло.

Воздушниот простор на Данска од денеска до 3 октомври ќе биде затворен поради одржување на Седмиот Самит на Европската политичка заедница на кој ќе присуствуваат шефови на држави и на влади. Поради Самитот НАТО го испрати германскиот воен брод „ФГС Хамбург“ во главниот град на Данска, со цел да го засили надзорот во Балтичко Море. Бродот е опремен со софистицирани радари и ракетни системи за одбрана од воздушни закани, вклучително дронови и проектили.

Министрите за одбрана на десет земји-членки на Европска Унија веќе договорија создавање „ѕид од дронови“ како заштита, додека НАТО најави зголемена будност во балтичкиот регионот.

Данската премиерка Мете Фредериксен претходно изјави дека властите сè уште истражуваат кој стои зад овие напади, но не ја исклучи Русија. Москва, пак, негираше каква било вмешаност, нарекувајќи ги обвиненијата „неосновани“.