Фото: Пиксабеј

Шведските власти соопштија дека Иран стои зад илјадниците СМС пораки испратени до луѓе низ земјата во кои се повикува на одмазда за палењето на Куранот, светата книга на исламот, во 2023 година.

Властите во Стокхолм тврдат дека иранската паравоена Револуционерна гарда успеала да испрати околу 15.000 СМС пораки на шведски јазик, поради серијата на јавни палења на Куранот.

Високиот обвинител Матс Љунгквист рече дека прелиминарната истрага, спроведена од шведската агенција за внатрешна безбедност САПО, покажала дека „иранската држава, преку иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда, хакирала податоци на шведска компанија која води големи СМС услуги“.

Шведската компанија не е именувана, а иранските власти не ги коментираа наводите.

-Во август 2023 година, шведските медиуми објавија дека голем број луѓе во Шведска добиле пораки на шведски јазик со кои се повикуваат на одмазда против оние кои го запалиле Куранот – рече Љунгквист, додавајќи дека испраќачот на пораките е „група која себеси се нарекува Тим Анзу“.

Протестите се одржаа во согласност со слободата на говорот заштитена со шведскиот Устав и беа одобрени од полицијата.