Компанијата „Северен тек 2“, задолжена за истоимениот гасовод меѓу Русија и Германија, наскоро ќе покрене стечајна постапка, изјави лидерот на компанијата Матијас Варниг за германскиот весник „Штутгартер цајтунг“.
Непосредно пред воениот конфликт, Германија го стопираше проектот. САД воведоа санкции за компаниите и највисоките членови на управата, додека самата компанијата потоа ги отпушти сите вработени.
Германскиот канцелар Олаф Шолц на 22 февруари соопшти дека Германија го суспендира „Северен тек 2“ како одговор на руското признавање на сепаратистичките региони Донецк и Луганск во источна Украина. Шолц побара од германското регулаторно тело да ги прекине постапките за обезбедување на потребните дозволи за негова изградба.
Украина и САД го поздравија таквиот потег на Берлин, а следниот ден американскиот претседател Џо Бајден нареди воведување санкции против „Северен тек 2“ и целосната управа на компанијата.