Германскиот канцелар Олаф Шолц во изјава за Си-ен-ен синоќа ги искритикува американскиот милијардер Илон Маск, oсновач на компанијата Тесла, велејќи дека тоа што тој го прави е „навистина одвратно“.
-Јас сум гневен што Илон Маск се вмешува во корист на крајната десница и што Илон Маск исто така не реагира адекватно на убиствата на толку многу Евреи и други луѓе во Европа извршени од Германците во минатото- изјави Шолц и додаде дека Германија ќе ја носи „историската одговорност“ за тоа и во иднина.
Маск e еден од најбогатите луѓе во светот и близок сојузник на конзервативниот американски претседател Доналд Трамп. Во изминатиов период тој сè повеќе се асоцира со екстремната десница и веќе неколку недели активно ја поддржува крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (AфД), а во пресрет на предвремените избори на 23 февруари.
-Ако го читате печатот во Германија ќе видите дека има многу милијардери кои исто (како и Маск) се мешаат во политиката. Тоа не е ново. Ново е тоа што тој се вмешува во корист на десничарските политичари низ цела Европа. И тоа е навистина одвратно. И тоа не е добро за демократскиот развој во цела Европска Унија- изјави Шолц.
Маск во видео настап на собир на AфД викендов изјави дека Германците „треба да го напуштат чувството за историска вина“ поради Холкаустот, и ова го кажа во пресрет на поменот во чест на милионите убиени во концентрацискиот логор Аушвиц.
На почетокот на месецов, Маск имаше разговор со лидерот на AфД, Алис Вајдел, и на својата социјална мрежа „X“, изрази подршка за партијата додека за Шолц напиша дека е „некомпетентен глупак“.