Фото: Пиксабеј

Шест лица загинаа, а најмалку четворица се повредени во пожар во автобус што, како што соопшти полицијата, синоќа сообраќал на редовна линија во западна Швајцарија.

– Тројца од повредените се во критична состојба – соопшти полицијата во кантонот Фрибург.

Еден вработен во брзата помош исто така е повреден за време на спасувачките операции.

Несреќата се случила во општината Керцерс, западно од главниот град Берн.

– Можно е намерно дејствување да било причина за оваа трагедија – соопшти полицијата, додавајќи дека постои сомнеж дека пожарот можеби бил намерно предизвикан.

Швајцарскиот весник „Блик“ цитира очевидец кој тврди дека еден човек истурил бензин во автобусот, а потоа се самозапалил. Полицијата соопшти дека е информирана за ваквите наводи, но засега не може да ги потврди. Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат дека возилото е зафатено од пламен, а густ чад се издига кон небото. Автобусот е во сопственост на „ПостАуто“, подружница на „Свис Пост“, која главно врши редовни патнички услуги во руралните средини.