Фото: Принтскрин

Приведен е шефот на станицата на Лариса, Василис Самарас, а против него е поднесена кривична пријава за нарушување на безбедноста на превозот, убиство од небрежност и телесни повреди од небрежност.

Според неговиот адвокат, тој уште од првиот момент ја презел одговорноста за несреќата.

По кривичен прогон против шефот на станицата, се очекува предметот да биде изнесен пред Апелацискиот суд во Лариса.

Иако првично тврдеше дека несреќата се случила поради системска грешка, на крајот сепак признал дека патничкиот воз го пуштил да вози на погрешни шини, пренесуваат грчките медиуми.

По железничката несреќа во Грција, назначен е и нов министер за транспорт.

Новоименуваниот министер за транспорт на Грција вели дека ја презема функцијата со задача да ја истражи најсмртоносната железничка несреќа во земјата, да го модернизира оштетениот железнички систем и да ја врати безбедноста на железницата.

– Тоа е многу голема одговорност – рекол Јоргос Герапетритис за новинарите за време на примопредавањето на должностите во министерството.

Владата е на удар на критики за состојбата на грчкиот железнички систем откога завчера приградски воз се судри со товарен воз, при што загинаа најмалку 46 лица, од кои многумина студенти на возраст од 20 години. Десетици луѓе беа повредени.

Герапетритис рекол дека владата формира комисија од експерти што ќе ги испита на транспарентен начин причините за несреќата, како и абнормалностите и пасивноста што постојат долго време – пренесе „Индекс.хр“.