Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска изјави дека испратил писмо до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во кое го предупреди дека израелскиот нацрт-закон за спречување на Агенцијата за помош и работа на Обединетите нации за палестинските бегалци (UNRWA) да дејствува на окупираната палестинска територија ќе биде „катастрофа“.
– Таквата мерка ќе ги искомплицира напорите за ублажување на човечкото страдање и тензиите во Појасот Газа, и низ окупираната палестинска територија. Тоа ќе додаде уште една катастрофа на ситуацијата што може да се опише само како апсолутна катастрофа – изјави Гутереш.
Во јули, Кнесетот прелиминарно го одобри нацрт-законот со кој Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот исток се прогласува за терористичка организација и се предлага да се прекинат врските со неа. Израелските лидери ја обвинуваат агенцијата на ОН дека соработува со милитантите на палестинската вооружена група „Хамас“ во Газа.