Фото: Фејсбук/Официјален профил на Бенјамин Нетанјаху

Повоените планови на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за Појасот Газа синоќа беа јавно оспорени од неговиот министер за одбрана, кој рече дека ќе се спротивстави на какво било долгорочно воено владеење на Израел во палестинската енклава. Телевизиската изјава на министерот за одбрана Јоав Галант беше највидлив знак за несогласување на висок израелски функционер со Нетанјаху од почетокот на конфликтот во Газа.

Како одговор, Нетанјаху сугерираше, без конкретно да го именува Галант, дека пензионираниот адмирал „се оправдува“ што се уште не го уништил Хамас во конфликтот, што сега е во осмиот месец.

Нетанјаху беше нападнат од друг член на неговиот воен кабинет – центристот и поранешен генерал Бени Ганц – единствениот член со право на глас покрај Нетанјаху и Галант. Ганц рече дека министерот за одбрана „ја кажа вистината“.

Иако ги поддржува целите на владата на Нетанјаху да го порази Хамас и да ги врати преостанатите заложници земени во нападот на палестинската исламистичка група на 7 октомври, Галант рече дека тие цели мора да се надополнат со поставување на основата за алтернативна палестинска влада.

– Мораме да ги уништиме капацитетите за управување на Хамас во Газа. Клучот за оваа цел е воена акција и воспоставување алтернатива за управување во Газа – истакна Галант.

„Во отсуство на таква алтернатива, остануваат само две негативни опции: владеење на Хамас во Газа или израелско воено владеење во Газа“, додаде Галант, истакнувајќи дека ќе се спротивстави на второто сценарио и го повика Нетанјаху официјално да се откаже од та а намера.

Галант рече дека од октомври се обидувал да промовира план за создавање „не-непријателска палестинска алтернатива за управување“ во опозиција на Хамас.

Форматот на претходно најавената прес-конференција на Галант, емитувана во живо на израелската телевизија и радио, го повтори предупредувањето на Галант минатиот март дека судските реформи на Нетанјаху ја загрозуваат кохезијата на армијата, наведуваат западни медиуми.

Нетанјаху тогаш најави дека Галант ќе биде отпуштен, но се повлече под притисок на уличните демонстрации. Некои одбранбени аналитичари веруваат дека предвидувањето на Галант се потврди со способноста на Хамас да ги изненади израелските сили неколку месеци подоцна.