Фото: Принтскрин

Северна Кореја вчера истрела два нови противвоздушни проектили за уништување на различни воздушни цели, меѓу кои дронови и крстосувачки ракети. Тестирањето на новото оружје го надгледуваше севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун.

Како што јави Корејската централна новинска агенција (КЦНА) новото оружје има „супериорна борбена способност“ и користи „единствена технологија“.

Тестирањето на ново оружје се одвива во време на зголемени тензии со Јужна Кореја. Официјален Сеул вчера соопшти дека на 19 август јужнокорејски војници отвориле предупредувачки оган кон припадници на севернокорејската армија, кои накратко навлегле во Демилитаризираната зона.

Исто така во регионот се одржува заедничка воена вежба помеѓу Јужна Кореја и САД, а за утре е предвидена средба на американскиот претседател со новоизбраниот јужнокорејски претседател.

Јужнокорејски претставници се загрижени дека Пјонгјанг добива руска ракетна технологија во замена за севернокорејските војници кои се борат на страната на Русија во војната во Украина.