Важна личност во мексиканскиот нарко картел Синалоа е уапсена во северниот град Кулијакан, соопшти мексиканската војска, објави Би-би-си Њуз. Хозе Анхел Канобио, познат по прекарот Герито (малиот русокос), е осомничен дека е десна рака и шеф на обезбедувањето на Иван Архивалдо Гузман, син на претходно осудениот нарко бос Хоакин Ел Чапо Гузман. Апсењето на Канобио е голем удар за картелот Синалоа, соопшти мексиканската полиција.
Акцијата за негово апсење се случи само неколку часа откако САД ја прогласија групата за странска терористичка организација, а администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп верува дека оваа практика ќе помогне во борбата против криминалот.
Мексиканската влада е под голем притисок од Белата куќа да ја засили борбата против нив и шверцот на синтетичката дрога фентанил во која се вклучени овие картели.
Мексиканската полиција се надева дека апсењето на Канобио ќе биде чекор напред во демонстрирањето на нивната посветеност во борбата против трговијата со дрога.
Канобио беше осуден во отсуство во американскиот федерален суд во Чикаго минатиот ноември за наводен шверц на фентанил во земјата. Во пресудата се наведува дека тој бил главен советник и шеф на обезбедувањето на Иван Архивалдо Гузман, кој го презеде управувањето со картелот Синалоа кога неговиот татко беше префрлен во затвор.
Канобио одигра клучна улога во шверцот на фентанил во Америка, вели Дејвид Сауседо, експерт за безбедност. Се очекува наскоро да биде екстрадиран во САД, изјави Сауседо за мексиканската радио станица Формула.