Издвојувањата на ниво од пет отсто од БДП за одбранбените трошоци од страна на членките на НАТО нема да биде само нивно ветување, туку обврска, брифираа извори од Мисијата на САД при Алијансата во пресрет на утрешниот состанок на министрите за одбрана на земјите од Пактот во Брисел.
– Мирот преку зајакнување не бара ништо помалку од подеднаков придонес на сите сојузници. Секој сојузник мора да се обврзе да инвестира најмалку пет отсто од БДП во одбраната и безбедноста почнувајќи од сега- велат дипломатските извори, посочувајќи дека тоа не е сугестија, туку е основа за одвраќањето во свет каде што заканите постојано растат.
Според нив, до неодамна претходно поставената цел на НАТО за одвојување на два отсто од БДП за потребите на одбраната беше далечна цел за повеќето сојузници, но денес водството на американскиот претседател Доналд Трамп доведе до трансформација на пристапот кон распределбата на товарот во рамки на Алијансата.
Во однос на предлогот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте зголемувањето на нивото на трошоци за одбраната на пет отсто од БДП да се реализира до 2032 година, американските дипломати, посочуваат дека заканите со кои се соочува Алијансата се зголемуваат и нејзините противници сигурно нема да ги чекаат сојузниците да се ревооружат или да се подготват пред да го направат првиот потег, па затоа САД би сакале членките на Пактот што поскоро да ја достигнат „целта од пет отсто“.
– Сакаме сите сојузници да ги зголемат своите буџети колку што можат и што можат побрзо. Тоа не е временски рок што го поставуваат САД, туку нашите противници и нивната способност да водат војна против Алијансата- нагласуваат дипломатите.
Тие посочуваат дека од ноември минатата година над 20 земји членки на НАТО најавиле зголемување на буџетите за одбрана, по што САД очекуваат одбранбените трошоци на сите сојузници во текот на оваа година да бидат на ниво од најмалку два отсто од БДП.
– Напредокот е добар, но не е доволен. Овој министерски состанок е повеќе од бројки, станува збор за изградба на НАТО. НАТО што е подготвено да одврати и да се справи со секоја закана – конвенционална, нуклеарна, кибер или хибридна- посочуваат дипломатските извори од американската Мисија при Алијансата.
Според нив, за остварување на овие заложби, на НАТО му се потребни модернизирани и оспособени сили, зајакнување на колективна одбранбена индустриска база за производство на повеќе муниција, противвоздушна одбрана и оклопни орудија и за зајакнување на моќта за водење војна.
Дополнително, посочуваат дипломатите, овие зголемени издвојување за одбраната ќе резултираат со отворање на нови работни места и производствени погони, со што ќе се обезбеди и зајакната безбедност и зголемен просперитет и во САД и во Европа.
Според нив, итноста од преземање на ваквите чекори е предизвикана од конфликтот во Украина и од видливите подготовки на Москва за својот следен потег.
– Целта на Кремљ е да ја обнови својата војска. Сојузниците од НАТО мора да ја надминат Русија. Немаме друг избор. Сега е време. Тоа значи инвестирање во мобилност на силите за контрола на границите, во кибер одбраната, во одвраќањето од напади и во заштита на целата инфраструктура – од уредите во Вселената до подземните кабли. Потребна ни е Алијанса изградена за заканите од 2025 година и во иднина, а не за бојните полиња од минатото- додаваат дипломатските извори.
Тие посочуваат дека утрешниот министерски состанок претставува шанса за усогласување на обврските и САД очекуваат секоја од земјите членки да излезе со конкретни планови, буџети, временски рокови и резултати за остварување на „целта од 5 проценти“.
– Самит на НАТО во Хаг ќе биде момент за заокружување на овие обврски. Сега е времето кога можеме да го направиме НАТО посилен. Ние сме кристално јасни. Решени сме да го браниме секој сантиметар од сојузничката територија и ќе го сториме тоа од позиција на неспоредлива сила – посочуваат изворите од Мисијата на САД при НАТО.
Тие нагласуваат дека САД се посветени на НАТО, но исто така сметаат дека е разумно и останатите сојузници да бидат посветени на нивната индивидуална, но и на колективната одбрана и на исполнување на своите обврски.
– САД остануваат посветени на НАТО и ние ќе продолжиме да бидеме кредибилен и сериозен партнер во Алијансата – додаваат дипломатите.