Глобалната прехранбена криза предизвикана од воениот конфликт меѓу Русија и Украина денеска ескалира откако Индонезија ги заостри ограничувањата за извоз на палмово масло, приклучувајќи се на листата на клучни земји кои сакаат да ја задржат основната храна во своите граници.
Конфликтот во Украина го загрозува глобалното производство на житни култури, снабдувањето со масла за јадење и извозот на ѓубрива, предизвикувајќи нагло зголемување на цените на основната храна, што се случува и на енергетските пазари. Цените на палминото масло годинава се зголемија за повеќе од 50 отсто.
Индонезискиот министер за трговија Мухамед Луфти рече дека ограничувањето на извозот има за цел да обезбеди цените на маслото за јадење во земјата да останат достапни за потрошувачите.
Русија и Украина се исто така важни извозници на масла за јадење и произведуваат 30 отсто од светското производство на пченица.
Украина денеска соопшти дека го забранила извозот на широк спектар земјоделски производи, вклучувајќи јачмен, шеќер и месо до крајот на годината.
Конфликтот го прекина снабдувањето со стоки од регионот на Црното Море и ја загрозува жетвата бидејќи цените на ѓубривата се зголемија поради поскапувањето на цените на гасот.
Руското Министерство за индустрија препорача во петок привремен прекин на извозот на ѓубрива.
Светските цени на храната се искачија на рекордно високо ниво во февруари, зголемувајќи се за 20,7 отсто на годишно ниво, според Агенцијата за храна на ОН, и продолжуваат да растат.
Покрај тоа, состојбата со приносите на пченица во Кина, најголемиот светски производител, може да биде „најлоша во историјата“, рече кинескиот министер за земјоделство.
Делови од големите рамнини на Америка се погодени од суша.
Србија објави дека забранува извоз на пченица, пченка, брашно и масло за јадење, а Унгарија неделава го забрани извозот на сите житарки.
Бугарија, исто така, најави дека ќе ги зголеми резервите на жито и би можела да го ограничи извозот додека не ги исполни планираните резерви.