Полската Влада одлучи наредната година да ја ограничи цената на електричната енергија за сите домаќинства што ќе трошат до 2.000 киловатчасови годишно.
Станува збор за мерка од поширокиот пакет помош насловен „штит на солидарноста“, насочен да ги заштити граѓаните од трикратно или четирикратно покачување на цената на струјата.
Премиерот Матеуш Морајвецки рече дека Владата преку пакетот ќе поттикне и мерки за штедење на електричната енергија.
-Една од точките во него е забрана на поскапувања на струјата од јануари – рече премиерот.
-Знам дека инфлацијата е висока, но сакаме да ја сузбиеме. Така сите домаќинства, без исклучок, ќе имаат загарантирана цена на електрична енергија до 2.000 киловатчасови (потрошувачка) годишно – изјави тој.
Според Моравјецки, домаќинствата ќе можат да заштедат до 150 злоти (32 евра) месечно од нивните сметки за потрошена електрична енергија. Тој најави дека лимитот ќе се зголеми на 2.600 киловатчасови за домаќинствата со инвалиди, оние со три или повеќе деца и за земјоделските домаќинства.
Дополнително, домаќинствата што ќе успеат да ја намалат потрошувачката на енергија за најмалку десет проценти во текот на следната година, ќе добијат десетпостотен попуст на нивната вкупна годишна сметка, појасни тој.
Целиот штит мерки, вклучувајќи ја и најавената помош на премиерот за енергетски интензивните индустрии, ќе го чини полскиот буџет најмалку 30 милијарди злоти (6,36 милијарди евра).