фото: Архива

Големи ризици за снабдувањето со електрична енергија во Холандија

Холандија се соочува со висок ризик од големи прекини во снабдувањето со електрична енергија по 2030 година ако енергетските компании не добијат средства за одржување во функција на гасните централи, според извештајот на меѓународната консултантска компанија „Компас лексекон“ за здружението „Енерџи Холанд“.

Снабдувањето со електрична енергија во Холандија во следните пет години ќе биде доволно, дури и во периоди без сонце и ветер, според анализата, но по тој период ситуацијата би можела нагло да се влоши, пренесува „НЛ тајмс“.

Се проценува дека Холандија би можела да се соочи со 15-18 часа годишен недостиг од електрична енергија до 2033 година, што е четири пати повеќе од прифатливиот максимум од четири часа. Ваквата состојба би предизвикала неконтролирани прекини во снабдувањето и екстремно високи цени на електричната енергија. Потрошувачката на електрична енергија истовремено расте брзо, а бројот на топлински пумпи и електрични возила се зголемува.

Холандија планира да ги затвори последните три термоцентрали на јаглен до 2029 година, додека централите на гас стануваат сè помалку профитабилни поради проширувањето на капацитетот на ветерните фарми и сончевите панели. Операторите го одложуваат големото одржување на гасните централи бидејќи тоа веќе не е профитабилно за нив поради брзото зголемување на употребата на ветерна и сончева енергија, предупредува претседателката на „Енерџи Холанд“, Кора ван Нивенхаузен.

„Компас лексекон“ предлага воведување пазарен механизам што би обезбедил плаќања на операторите за работа во периоди кога обновливите извори не можат да ја задоволат побарувачката и кој би стимулирал нови инвестиции во електроцентрали и системи за складирање енергија од батерии. Се проценува дека споменатите мерки може да донесат корист од две и пол до три милијарди евра годишно преку пониски цени и намалување на ризикот од прекини на електричната енергија. Р.С.