Израел има неколку опции доколку неговите власти сакаат да извршат одмазднички напади против Иран и, додека западните лидери повикаа на воздржаност, се очекува значителен удар. САД постојано ја зајакнуваат својата воена позиција на Блискиот Исток по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, при што тензиите дополнително се зголемија откако Израел ја почна својата воена операција против Хезболах
Израелската војска ги проширува своите операции на повеќе фронтови, вклучувајќи го и планирањето за „значителен и сериозен“ одговор на иранскиот напад со балистички ракети од големи размери врз Израел, пренесуваат светските медиуми. Знаците за неизбежна израелска одмазда против Иран се појавија кога францускиот претседател Емануел Макрон повика на меѓународно ембарго на оружјето доставено до Израел за употреба во Појасот Газа.
Израел има неколку опции доколку неговите власти сакаат да извршат одмазднички напади против Иран и, додека западните лидери повикаа на воздржаност, се очекува значителен удар. Можностите би можеле да вклучуваат напади врз воени, економски или дури и нуклеарни цели, иако американскиот претседател Џо Бајден истакна оти ѝ рекол на владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека САД нема да ја поддржат последната опција.
– Ако нападот на нуклеарни локации не доаѓа предвид, двете големи опции за Израел се дали сака да нападне воени или економски цели – рече Фабијан Хинц, експерт за Блискиот Исток во Меѓународниот институт за стратегиски студии.
Нападот врз нафтената инфраструктура на Иран се смета за веројатен одговор на иранскиот напад со балистички ракети врз Израел, при што Бајден посочи дека ова прашање било предмет на дискусија минатата недела. Најчесто наведената цел е нафтениот терминал во Харг, кој, според некои процени, опфаќа 90 отсто од извозот на сурова нафта, од кои повеќето се наменети за Кина. Други клучни капацитети ја вклучуваат рафинеријата „Абадан“, во близината на границата со Ирак, која опслужува значителен дел од домашната потреба за нафта на Иран.
САД постојано ја зајакнуваат својата воена позиција на Блискиот Исток по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, при што тензиите дополнително се зголемија откако Израел ја почна својата воена операција против Хезболах.
Американските сили во регионот двапати годинава му помагаа на Израел во пресретнувањето напад од Иран. На 1 октомври, два разурнувача на морнарицата во источниот Медитеран истрелаа околу 12 ракети пресретнувачи против ирански ракети. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин го пофали начинот на кој американските сили учествувале во пресретнување на нападот на Иран, при кој се проценува дека биле лансирани околу 200 ракети кон Израел.
Од август имаше вкупно околу 40 илјади американски војници на Блискиот Исток. Присуството на американска огнена моќ во регионот има цел да испрати јасна порака за одвраќање од напади врз Израел, како и за евентуална одбрана од американските сили доколку е потребно. Р.С.