Емануел Макрон и Франсоа Бајру

Францускиот претседател и новиот премиер имаат несогласувања околу формирањето на новата влада

Францускиот претседател Емануел Макрон врши притисок врз новиот премиер Франсоа Бајру да излезе со список на министри, во услови на зголемени тензии меѓу двајцата лидери на француската извршна власт.
И покрај тоа што беше долгогодишен сојузник на претседателот, Бајру ја освои премиерската функција по тензично соочување со Макрон. Новоименуваниот премиер во понеделникот рече дека планира да ја објави својата листа на министри до крајот на неделава. Но тој брзо го обвини Макрон за какво било одложување на формирањето влада, додавајќи дека е потребно претседателот да биде во Франција за да именува министри, повикувајќи се на зафатената меѓународна агенда на Макрон.
На Макрон не му се допадна коментарот на Бајру и, како одговор, го повика премиерот да ја испрати својата листа на министри до вчеравечер, објавија светските медиуми, повикувајќи се на извори во кабинетот на францускиот претседател.
Се очекува Макрон наскоро да отпатува во француската територија Мајот во Индиски Океан, која е тешко погодена од циклон, како и да присуствува на состанокот на Европскиот совет утре во Брисел.
Бајру беше назначен минатиот петок, откако десничарскиот Национален собир и левичарската коалиција Нов народен фронт ги здружија силите за да ја соборат претходната влада предводена од Мишел Барние. Р.С.