Фото: ЕПА

Западот размислува за дипломатско решение за ќор-сокакот

Како дел од дискусиите за стратегијата за следната година, западните функционери сериозно размислуваат како би можел да се одвива крајот на конфликтот преку преговори, дури и според еднострано решение, според извори на „Блумберг“. Војната се приближува кон зимскиот период, со малку знаци за пробив на бојното поле, па таквата состојба поттикнува одредени западни претставници да почнат да истражуваат начини на кои дипломатијата би можела да го надмине ќор-сокакот

Дел од сојузниците на Украина почнуваат да разговараат за тоа како би можел да заврши руско-украинскиот воен конфликт, што предизвикува загриженост во неколку европски престолнини дека овие напори би можеле да доведат до принудување на Киев на предвремен прекин на огнот, објавува американски „Блумберг“.
Како дел од дискусиите за стратегијата за следната година, западните функционери сериозно размислуваат како би можел да се одвива крајот на конфликтот преку преговори, дури и според еднострано решение, според извори на „Блумберг“ упатени во тематиката, кои побарале анонимност.

Доаѓањето на зимата го поттикнува ангажирањето на дипломатијата

Војната се приближува кон зимскиот период, со малку знаци за пробив на бојното поле, па таквата состојба поттикнува одредени западни претставници да почнат да истражуваат начини на кои дипломатијата би можела да го надмине ќор-сокакот.
Иако ненадејниот упад на Киев во регионот Курск во Русија привремено ја наруши перцепцијата дека војната е во ќор-сокак, нема непосредни изгледи Киев да ги дислоцира руските трупи од територијата што ја контролираат, долгорочните стратегиски цели на операцијата остануваат нејасни за дел од сојузниците.

Москва се обидуваше да напредува на теренот, а руските проектили уништија значителни делови од енергетската инфраструктура на Украина, зголемувајќи ги стравувањата за тоа како земјата ќе ја помине претстојната зима. Затоа, непосредна грижа на сојузниците е да ѝ помогнат на Украина да обнови дел од својот енергетски капацитет пред зимата и да го спречи рускиот напредок околу стратегискиот град Покровск во регионот на Донецк.

Преговорите треба да решат повеќе клучни прашања

Преговорите за завршување на борбите ќе треба да ја решат клучната загатка: како да се осигури дека Украина нема да биде ранлива на идни напади, додека ги уверува своите сојузници дека нема да бидат вовлечени во директен конфликт со Кремљ. Последната грижа е главна причина зошто дел од сојузниците досега беа претпазливи да дозволат употреба на оружјето со долг дострел што го обезбедуваат во Русија и како и во скоро време да ја реализираат можноста Украина да стане дел од НАТО, со нејзина безбедносна гаранција.

Какви било разговори, исто така, ќе мора да го надминат горчливото наследство од Минскиот договор што беше склучен по анексијата на полуостровот Крим од Русија во 2014 година. Зеленски, пак, предупредува дека Русите ќе го искористат времето предвидено со каков било прекин на огнот за да се прегрупираат и повторно да нападнат.

Одреден европски функционер истакна дека за Зеленски би било политички тешко да потпише каков било договор што вклучува територијални отстапки, додека целите на Русија остануваат непроменети.
– Народот јасно стави до знаење дека секоја одлука за преговори треба да биде донесена од Киев и дека никој не го притиска Володимир Зеленски на разговори. Украинскиот претседател беше категоричен, јавно и приватно, дека отстапувањето територија на Русија би било неправедно. Без знаци дека Русија ги ублажува своите цели, изгледите за вистински преговори сè уште остануваат далечни – велат упатените.

Прозорецот на можности долго нема да биде отворен

Некои западни сојузници веруваат дека времето помеѓу ноемвриските избори во САД и претседателската инаугурација во јануари следната година може да обезбеди прозорец на можности за време на кој администрацијата на Џо Бајден во заминување може да има поголема политичка слобода да склучи договор. Континуираната воена и финансиска поддршка за Украина може да се соочи со неизвесност со промената на администрацијата во САД и подемот на десничарските сили во Европа.

Доколку победи на изборите, Трамп исто така предложи дека ќе бара договор во таа временска рамка, без да даде дополнителни детали. Џеј-Ди Венс, неговиот кандидат за потпретседател, неодамна рече дека планот на поранешниот претседател би можел да вклучи воспоставување демилитаризирана зона по сегашните борбени линии.
Во неделата, германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е меѓу оние што се спротивставија на обезбедувањето ракети со поголем дострел за Украина, изјави за телевизијата ЗДФ дека сега е моментот да се разговара како побрзо да се излезе од војната.

Раскол на Западот околу мировните преговори

Сепак, дискусиите за среднорочната стратегија, исто така, поттикнуваат несогласувања во некои западни влади. Тој раскол околу потенцијалните разговори укажува на долготрајна фрустрација кај одредени западни политички претставници. Еден западен табор е повеќе од убеден во предупредувањата од Кремљ за ескалација ако сојузниците ѝ дозволат на Украина да користи западно оружјето за напади длабоко на руска територија, па затоа има поголема веројатност да изврши притисок кон дипломатско решение. Други сојузници, пак, се противат на преговорите во скоро време и сакаат да го зголемат снабдувањето со оружје за Украина.

Се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски да се заложи за членство на Украина во НАТО и ЕУ, економски и безбедносни договори, како и континуирано снабдување со модерно оружје како дел од неговиот т.н. план за победа, укажуваат двајца соговорници на „Блумберг“. Тој треба да му го претстави планот на американскиот претседател Џо Бајден кога ќе се сретнат на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации подоцна месецов. Украинскиот претседател, исто така, сака да ги сподели плановите со претседателските кандидати Камала Харис и Доналд Трамп. Р.С.


Украинците се противат на отстапување територија без членство во НАТО и ЕУ

Украинците силно се противат на какви било територијални отстапки, при што 55 отсто од испитаниците ја отфрлиле таквата идеја во анкета објавена од киевскиот Меѓународен институт за социологија во јули. Сепак, бројот на оние што категорично се против откажување од одредена територија паѓа на 38 отсто доколку Киев добие членство во НАТО и Европската Унија како дел од договорот. Р.С.


Упадот во Курск извршен наспроти противењето на украинскиот воен врв?

Некои од највисоките команданти на украинската армија, вклучувајќи го и поранешниот командант на вооружените сили, генералот Валериј Залужни, сега амбасадор на Украина во Лондон, изразиле противење кога украинскиот претседател Володимир Зеленски првпат го изложил планот за офанзива во рускиот регион Курск на почетокот на годинава, тврди европското издание на магазинот „Политико“. Меѓу другите што, наводно, се спротивставиле на офанзивата се спомнува и Емил Ишкулов, командант на украинската 80-та воздушно-јуришна бригада, кој беше разрешен во јули.

Зеленски, пак, ги поврза борбите во Курск и Донецк, сугерирајќи дека офанзивата на Курск ги принудила Русите да ги префрлат ресурсите подалеку од фронтот во Донецк. Р.С.