Мостовите како предизвик се искачија на мошне значајно место во политичките дебати поради признанието дека трошоците за нивно реновирање може да бидат вклучени во германските трошоци за одбрана. Мостовите, на крајот на краиштата, мора да бидат способни да носат тенкови – „подготвени за војна“ (kriegstauglich)!?
Вестите во Германија деновиве се преплавени со најави за „планско уривање надвозници и мостови“. Слични теми одвреме-навреме се појавуваа кон крајот на минатата година, за оштетеност на патната инфраструктура, за амортизираност, за нарушена статика итн., но вестите од овој тип се динамизираа годинава, а особено во последното тримесечје.
Имено, според тие вести, експертите проценуваат дека „4.000 надвозници на автопатиштата низ земјата и 12.000 други патни мостови треба итно да се поправат или да се заменат“!
Загриженоста за влијанието на децениското недоволно инвестирање во овој домен е толку голема што, во пакет со уште еден растечки горлив проблем, „пропаднатата железничка мрежа и плус распаѓачките училишни згради“, овие проблеми во Германија се искачија на врвот на приоритетите на новата влада на Фридрих Мерц.
Токму таа деновиве веќе вети дека ќе обезбеди „повеќе милијарди за обнова“ на веќе фрагилната инфраструктура на Германија.
„Гардијан“: Германија, европска економска сила со децении, има репутација на земја на вешти инженери и ефикасност, што тргна наопаку?
Реномираниот медиум „Гардијан“ го истражуваше прашањето за тоа „зошто поранешниот мотор на Европа, Германија, е целосно ’рѓосан – и на работ на колапс“?!
Имено, за „Гардијан“, во врска со ова прашање коментираше Оливер Холтемелер, раководител на макроекономијата во Институтот за економски истражувања во Хале. Тој вели дека „проблемите не лежат во недостигот од јавно финансирање, туку на друго место“.
– Бирократски товар, многу сложени процедури за планирање и недостиг од квалификувани луѓе за да ја завршат работата – наброја тој.
Ова, рече тој, го влошија „политичарите што сакаат да бидат реизбрани, па затоа им даваат приоритет на краткорочните проекти“. Дури и пред да положи заклетва како канцелар минатиот месец, дотраената инфраструктура беше високо на списокот на домашни проблеми на Мерц.
Мостовите како предизвик се искачија на мошне значајно место во политичките дебати поради признанието дека трошоците за нивно реновирање може да бидат вклучени во германските трошоци за одбрана. Мостовите, на крајот на краиштата, мора да бидат способни да носат тенкови – „подготвени за војна“ (kriegstauglich)!? Многу од нив, во нивната сегашна состојба – не се!
За зелените и другите опозициски партии, ова е премногу. Но додека владата сигнализира подготвеност постепено да ги зголемува своите воени трошоци од два на пет проценти од БДП, на кои Доналд Трамп ги повика членките на НАТО да се обврзат, таа исто така ја проширува дефиницијата за тоа што се смета за воени трошоци.
Министерот за надворешни работи, Јохан Вадефул, рече дека „планира да вклучи не само чисто воени трошоци туку и инвестиции во инфраструктура што војската треба да ја користи – како што се патишта, железници и мостови!“
Поправка на инфраструктурата се смета за клучен тест за Мерц
Експертите гласно се прашуваат преку медиумите: Дали Мерц може да се справи со безбројните предизвици со кои се соочува најголемата европска економија, која три години бележи негативен раст?
Според извештајот на Германската индустриска и трговска комора, која претставува милиони бизниси, „состојбата на германските мостови е еден симбол за запоставената состојба на целата инфраструктура во земјата“.
Во коментари за радиодифузерот Ер-би-би, Хелмут Шмајцнер, професор по градежништво на Економскиот и правниот факултет во Берлин, предупреди дека „генерално, германската инфраструктура е во таква состојба што мора да очекуваме инциденти како што се затворање мостови и патишта и дека тоа ќе се случува почесто во иднина“.
Идејата за „фрагилна“ германска инфраструктура е толку веќе јавно препознаена, што популарното сатирично ТВ-шоу „Шоуто на Хојт“ неодамна посвети цела епизода на „распаѓањето на Германија“.
„’Рѓа во мир“ би бил соодветен слоган за состојбата на нацијата ако работите не се подобрат, се шегуваа во шоуто, пишува „Гардијан“.
Сепак, за многумина тоа не е смешна тема. Тие предупредуваат дека ако Мерц не успее да ги поправи работите – и тоа брзо – „политичките последици/промени би можеле да бидат брзи.
АфД ги нарече распаѓачката инфраструктура на земјата и уривањето на мостот во Дрезден (каде што, за среќа, немаше жртви) „не изолирани случаи, туку симболи на прикрадувачки државен неуспех“. Р.С.