Фото: Пиксабеј

Руски граѓани се повеќе купуваат станови во Србија, а продажбата годинава е зголемена за 10 отсто. Според Блумберг Адриа, вкупната вредност на становите што Русите ги купувале во првите два кварталa е 85 милиони евра, од кои половина недвижнини се купени во Белград. Русите се одлучуваат за Војводина, главно Нови Сад и Суботица, како и за главниот град Белград.

Ивана Штрбац, раководител на Одделот за проценка на недвижности на Републичкиот геодетски институт, изјави дека руските граѓани предничат во купувањето станови и воопшто во купувањето недвижности во Србија, а тој тренд е продолжение од минатата година кога тие почнаа да купуваат недвижен имот во Србија, јави МИА од Белград.

– Во последните два квартала забележано е дури и зголемување на бројот на руски граѓани кои купуваат недвижен имот за повеќе од 10 отсто. Како најпривлечни се издвојуваат градовите Нови Сад и Суботица – изјави Штрбац.

Таа додаде дека Белград е секако интересен и во него се купуваат голем број станови. Индексот на цените на недвижностите на Републичкиот геодетски завод покажа дека цените на квадратите продолжуваат да растат со стапка од речиси пет проценти, но дека Белград повеќе не е лидер во овој раст.